1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руската економија страда, германските претпријатија исто така

Сабине Кинкарц / Симе Недеvски10 септември 2014

Германските претприемачи кои работат во Русија веќе сега се сомневаат во делотворноста на санкциите. Сепак, со тоа мора да се помират и да страдаат од последиците.

https://p.dw.com/p/1D9gd
Фотографија: picture-alliance/dpa

Какви последици за бизнис климата во Русија имаат економските санкции? Ова прашање го постави Германско-руската надворешнотрговска комора во една анкета спроведена меѓу нејзините членови. Само 38 проценти од испитаниците наведоа дека се директно погодени од обостраните санкции, но повеќе од половина, 58 насто од нив, наведоа дека конфликтот во Украина влијае врз нивното деловно работење.

Германската индустриска и трговска комора (ДИХК) наведува дека со санкциите особено е погодено производството на машини. Оваа бранша не е само погодена поради воведените санкции, туку и поради, по се’ судејќи, непрецизно формулираните заострени прописи за извоз. Владее голема неизвесност за тоа што ќе биде, а што не, одобрено од страна на Сојузната канцеларија за економија и надзор на извоз (БАФА).

Фолкер Трајер од Германската индустриска и трговска комора наведува дека намерата била да се санкционираат одредени производи во областа на истражување на нафта и нафтени извори, но дека под санкции се нашле речиси сите производи. „Поради таквите прописи домашните производители на пумпи или автомобили, кои стоката сакаат да ја испорачаат во Русија, мораат да се обратат во БАФА, иако тие пумпи немаат никаква врска со истражување на нафта“, вели Трајер.

Volker Treier
Фолкер Трајер од Германската индустриска и трговска комора (ДИХК)Фотографија: DW/N. Jolkver

Политичка промена на курсот поради санкциите?

„БАФА презема големи напори дозволите да се добиваат со што помалку бирократија“, вели Трајер. Стопанствениcите генерално имаат разбирање за политичките санкции, иако поголемиот број од нив сметаат дека санкците не се само штетни за бизнис климата, туку се и несоодветни. Само една петтина од испитаниците во анкетата која ја спроведе Германско-руската надворешнотрговска комора поаѓа од тоа дека Русија поради санкциите ќе ја промени својата политика. 78 проценти од нив сметаат оти наместо кон Европа, Русија ќе се заврти кон други економско силни држави, како што се Кина, Јужна Кореја и Јапонија. Претседателот на Германско-руската надворешнотрговска комора Рајнер Зеле вели дека за тоа постојат докази: „Во Русија многу јасно се гледа дека договорите на нашите фирми им се даваат со задоцнување или со повеќе бирократија. Понекогаш се ставаат на мраз, а воочуваме и дека голем обем од зделките не се насочени кон Германија, туку кон нашите конкуренти од Азија.“

VW-Werk in Kaluga Russland
Фолксваген го запре производството во својот погон во Калуга, Русија до 17.9.2014Фотографија: picture-alliance/dpa

Горка таблета за германските претприемачи

Тоа е горчлива талета, особено ако се има на ум дека Германија во областа на металопреработувачката индустрија беше најважен руски трговски партнер во Европа. Германската индустриска и трговска комора (ДИХК) смета дека извозот за Русија годинава ќе се намали за 20 проценти. Директорот на ДИХК Фолкер Трајер наведува дека загубата ќе изнесува 7 милијарди евра. Ако на тоа се додаде и трговијата со Украина, тукаш загубата до крајот на годината ќе изнесува 10 милијарди евра.

„Сметаме оти треба да се пофали она што е кажано, а тоа е дека се санкциите ограничени и оти се бара решение. Сметаме дека иднина без германско-руски економски врски не може да се замисли и тоа е резултатот на анкетата“, истакнува Трајер.

Три четвртини од испитаниците и покрај проблемите веруваат дека рускиот пазар е перспективен и атрактивен. Оние кои не се погодени од санкциите годинава дури очекуваат дека деловните врски со Русија ќе бидат на ниво на минатогодишните, ако не и подобри. Како тоа всушност ќе се развива, останува да се види. Во ДИХК веруваат дека санкциите ќе доведат до заострување на економската ситуација, која е и онака напната поради девалвација на рубљата и слабиот економски раст. Доколку Русија ја зафати рецесија, многу германски претприемачи ќе мораат да ја запрат реализацијата на проектите, да воведат скратено работно време или да отпуштат работници. Само 8 проценти од испитаниците сметаат дека би можело на Русија да и’ се заврти грб.