1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руските атлетичари не одат во Рио, на потег е МОК

С. Недевски21 јули 2016

Судот за спортска арбитража ја потврди одлуката на Меѓународната атлетска федерација за забрана за учество на руските атлетичари на ЛОИ. Русија остро регира, но се подготвува и за целосна суспензија од Игрите во Рио.

https://p.dw.com/p/1JTBT
Symbolbild Leichtathletik Russland Doping
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Русија по сѐ изгледа се подготвува за најцрното сценарио. Шефот на рускиот олимписки тим, Игор Казиков, денеска изјави дека е откажано свеченото испраќање на спортистите на Олимписките игри во Рио де Женеиро поради можност целиот тим од земјата да биде суспендиран од Игрите.

Судот за спортска арбитража (ЦАС) ја отфрли жалбата на Олимпискиот комитет на Русија и 68-те атлетичари кои бараа да учествуваат на Олимписките игри во Рио де Жaнеиро и така ја потврди суспензијата од Меѓународната атлетска федерација (ИААФ).

Оваа одлука може да влијае и на одлуката на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) да забрани учество на сите руски спортисти на Игрите во Рио.

„Планираната церемонија за испраќање на спортистите која беше закажана за во петок е откажана. Мораме да видиме што се' ќе се случи“, рече Казиков за Р-спорт.

CAS in Lausanne
Седиштето на Судот за спортска арбитража во Лозана, ШвајцаријаФотографија: picture-alliance/dpa/Frank May

МОК пак денес соопшти дека ќе ја проучи одлуката на ЦАС и дека ќе ја земе во предвид.

Одлуката за учеството на руските спортисти на Олимпијадата во Рио ќе биде донесена во наредните денови“, се наведува во соопштението.

Состанокот на извршниот одбор на Меѓународниот Олимписки Комитет е закажан за во недела.

Русија: „политичка одлука“

Русија претходно изрази „длабоко жалење“ поради одлуката на Судот за спортска арбитража (ЦАС) да ја отфрли жалбата на руските атлетичари за забрана за учество на Олимпијадата во Рио.

Рускиот министер за спорт, Виталиј Мутко, ја оцени таа одлука како „политичка“ и „без правна основа“.

„Можеме само длабоко да жалиме“ поради одлуката која се однесува за „спортисти кои немаат никаква врска со допинг'“, им рече на новинарите портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, и оцени дека е „малку веројатно оти колективна одговорност може да биде прифатлива“.

Министерот за спорт Мутко рече дека не може да ја искаже својата разочараност од одлуката.

„Размислуваме за понатамошни чекори. Според мое мислење тоа е субјективна одлука, многу политизирана и без судска основа“, изјави тој за руската агенција ТАСС по објавувањето на денешната одлука.

Руската атлетичарка Јелена Исинбајева пак порача дека ЦАС со денешната одлука „ја закопал атлетиката“.

Weltverband IAAF Leichtathletik Doping Skandal Russland
Седиштето на Меѓународната атлетска федерација во МонакоФотографија: picture-alliance/dpa/S. Nogier

Од друга страна претседателот на ИААФ, Себастијан Коу му се заблагодари на судот бидејќи ја поддржал одлуката на оваа организација за суспензија на руските атлетичари од меѓународните натпревари.

ИИАФ во минатиот ноември го суспендираше рускиот сојуз, а со самото тоа и неговите атлетичари, по извештајот на Светската антидопинг агенција за наводен систематски допинг кој го финансирала и поддржувала и самата држава.

На средината на јуни годинава ИААФ ја потврди суспензијата, а одлуката ја поддржа и МОК.

Светската атлетска федерација претходно соопшти дека руските атлетичари кои „биле надвор од земјата“ и кои ќе покажат дека на допинг ги тестирале „некои други системи“, можат како неутрални натпреварувачи да настапат на Олимпијадата во Рио.