1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Russland Oligarchen

27 ноември 2011

Руските олигарси не се осмелуваат директно да се вмешаат во политичкиот живот на земјата. Тие добро ја сфатија лекцијата од случајот Ходорковски, кој веќе 10 години е во затвор по конфликтот со Путин.

https://p.dw.com/p/13Gi7
Рускиот тандем: Путин - Медведев без влијание од олигарситеФотографија: picture alliance/RIA Novosti

Името на Владимир Лисин малку кој го знае во Русија. Тој меѓутоа според американскиот економски магазин „Форбс“ е најбогатиот човек во земјата и располага со вкупно богатство од 24 милијарди долари. Тој е сопственик на концернот за челик НЛМК. Лисин не се појавува во јавноста, ниту во Русија, ниту во странство, а не покажува ни амбиции за политичка кариера.

Ретки исклучоци

Слично е и со другите руски олигарси. Единствен исклучок беше Михаил Прохоров, кој со 19 милијарди долари стои на третото место на листата на „Форбс“. Тој летоска го привлече вниманието на јавноста кога се согласи да стане претседател на либерално-конзервативната партија „Праведна работа“. Цел му беше да се кандидира на парламентарните избори на 4 декември, но кон средината на септември одненадеж се повлече од партијата по една внатре-партиска кавга. Партијата ја нарече „марионета на Кремљ“ и од тогаш потполно го снема од политичкиот паркет.

Russland Prozess Michail Chodorkowski in Moskau
Поранешниот шеф на „Јукос“ и најбогат човек во Русија, Михаил ХодорковскиФотографија: AP

Тешка лекција

Руските олигарси очигледно добро ја научиле лекцијата од случајот на порано најбогатиот човек во земјата, Михаил Ходорковски. Тој пред 10 години се најде во конфликт со претседателот на државата Владимир Путин поради јавната критика за корумпираноста на Кремљ. Кусо потоа тој беше уапсен и осуден поради затајување данок, а неговиот нафтен конерн „Јукос“ беше распарчен. Наспроти критиката од Западот, тој и ден денес седи в затвор.

Влијанието го загубија и поранешните олигарски Борис Березовски и Владимир Гусински, кои во 90-тите години се вбројуваа меѓу најбогатите и најмоќните во земјата. Двајцата поседуваа големи медиумски империи и се осмелија да го критикуваат Путин, по што мораа да емигрираат во странство, каде живеат и ден денес. „Затоа сега олигарсите соработуваат со власта, а со лобистички активности се занимаваат зад кулисите“, појаснува експертот Алексашенко.

Boris Beresowski Der russische Unternehmer und Politiker Boris Beresowski
И тој спаѓаше меѓу најбогатите и најмоќните Руси: Борис Березовски живее во странствоФотографија: dpa

Нови олигарси

Рускиот опозиционер Борис Немцов, пак, тврди дека влијанието на олигарсите не треба да се потценува. „Кога тие даваат пари за партијата на Путин ’Обединета Русија’, зарем тоа не еден вид лобирање?“ Немцов додава дека токму за време на владеењето на Путин во Русија „никнале“ голем број нови олигарси. Тоа се се’ луѓе кои со Путин порано биле на служба во Германија, на пример, или пак биле негови соработници од времето кога тој беше заменик-градоначалник на Санкт Петерсбург. Станува збор пред се’ за лица од круговите на тајните служби.

Без влијание врз водечкото дуо

Михаил Виноградов тврди дека државните претпријатија како „Газпром“ ги потиснале од бизнисот приватните фирми или пак имаат барем водечка улога во разните бранши. Раководителот на фондацијата „Петербуршка политика“ исто така оценува дека олигарсите немаат влијание врз водечкиот тандем на политичко ниво Путин - Медведев. Одлуките за стратешките подрачја на руската политика се донесуваат без влијание на олигарсите, оценува Виноградов. Во меѓувреме дури може да се зборува и за поинаков тренд, имено сега државата се обидува да ги привлече богатите на своја страна. Така на пример претседателот на државата Дмитри Медведев летоска препорача милјардерите да се поканат да дојдат во училиштата и таму на младото поколение да му раскажуваат за клучот на нивниот успех.

Dmitri Medwedew und Wladimir Putin
Олигарсите немаат влијание врз нив: Владимир Путин и Дмитри МедведевФотографија: picture-alliance/RIA Novosti

Автор: Роман Гончаренко / Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска