1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руските хакери - Путинови „слободни уметници“

Роман Гончаренко | Никита Жолквер
28 јуни 2017

Не минува ден без руските хакери. По откритијата за вмешаност во претседателските избори во САД, сега се смета дека тие се кријат и зад катарската криза. Експертот Андреј Солдатов објаснува во што е нивната моќ.

https://p.dw.com/p/2eG87
Symbolbild Cyberattacke
Фотографија: picture alliance/MAXPPP/R. Brunel

Руските хакери повторно се во ударните вести. Актуелната криза во Катар можеби е предизвикана од лажна вест која Русите ѝ ја подметнале на државната новинска агенција на Катар, пренесе Си-Ен-Ен, повикувајќи се на ФБИ. Повеќе земји од регионот во минатите денови ги прекинаа дипломатските односи со Емиратот од Персискиот Залив. А само неколку часа претходно, јавноста ја разбрануваа новите откритија околу претседателските избори во САД. Еден американски медиум објави доверлив документ од тајната служба НСА, според кој руската тајна служба се обидела да стартува сајбер напад врз најмалку еден американски производител на софтвер за регистрација на избирачите.

„Слободни уметници“

Таквите извештаи се голем успех за руските хакери, вели Андреј Солдатов. „Она што вистински го умеат, е да постигнат да се зборува за нив“, вели овој експерт за Дојче веле. Тој е главен уредник на рускиот интернет-портал Agentura.ru кој се занимава со теми како тајните служби, шпионажа и тероризам. Зголеменото влијание на Москва врз јавноста е единствено резултат на хакерските активности на изборите во САД и неодамна во Франција. „Ним им успева Русија да ја презентираат како земја која може да се вмеша во европските и други избори, а на многумина во Русија тоа им се допаѓа“, вели Солдатов.

Русија постојано ги демантира обвинувањата дека нејзини хакери се вмешуваат во избори ширум светот. Тоа не се прави на државно ниво, повтори рускиот претседател Владимир Путин во разговор со новинарите на почетокот на јуни. Шефот на Кремљ сепак призна дека можеби постојат „патриотски расположени“ хакери, кои сакаат „да дадат свој придонес“ во борбата против критичарите на Русија. Хакерите се некој вид „слободни уметници“ кои наутро, откако ќе се разбудат, прочитуваат нешто за меѓудржавните односи, па стануваат активни, се подбиваше Путин.

Russland Karikatur zum Thema Russische Hacker in den USA
Руските хакери постојано се обвинувани за влијание врз претседателските избори во САД

Неколкумина на државно ниво ги контролираат акциите 

Солдатов вели дека системот во суштина е компликуван, но сепак е ефикасен: „Има неколкумина луѓе на највисоко државно ниво, кои ја координираат работата на хакерите, како и групи на неформални актери, тоа можат да бидат ПР-агенции или едноставно групи луѓе кои не се договараат ништо со различни канцеларии, туку работат директно со Кремљ, а тоа ги прави побрзи и пофлексибилни“, вели овој стручњак.

„Бидејќи овие луѓе не се дел од државната бирократија, не можат да сносат одговорност како државни претставници.“ Според зборовите на Солдатов, Русија успешно го тестирала овој метод на почетокот на овој век во внатрешноста на земјата, во борбата против опозиционите и критички новинари. Подоцна Москва, вели тој, таквите акции ги пренесла и во странство, на пример во пролетта 2007 година во сајбер-нападот врз владините структури во Естонија. Одговорноста тогаш ја презедоа активисти од младинското движење „Наши“, оддадени на Кремљ.

На располагање на тајните служби

Силата на руските хакери е мешавина од наследство од Советскиот Сојуз и модерната државна политика на Русија, изјави Солдатов на едно предавање во Берлин. СССР, според него, образуваше најголем број инженери во светот. По распадот на советската империја, вели експертот, тие се погрижија руската ИТ-бранша да стане една од најдобрите во светот. Тие луѓе, тврди Солдатов, слично на многумина Руси, имаат чувство дека во 90-те години „Западот ги измамил“. А тоа, додава тој, било плодно тло за оние хакери кои се ставиле на располагање на тајните служби.

По руската анексија на Крим во 2014 година, тврди Солдатов, ситуацијата одново се промени. Тој вели дека постои потесна соработка не само меѓу криминалните хакери и тајните служби, туку и меѓу државните структури и ИТ-браншата. Во клима на страв и мобилизација, ИТ-браншата не е во состојба да каже „не“  кога тајните служби ќе ја замолат да изведе некои деликатни работи како што се т.н. DdoS-напади (блокади на интернет службата преку зголемен број повици.)

Andrei Soldatov, russischer Journalist
Андреј СолдатовФотографија: DW/Nikita Jolkver

Во што е ефектот на руските хакери

Неретко хакерите можат да бидат и патриотски мотивирани, а државата тоа го користи, вели Солдатов. Како пример овој експерт ги наведува настаните од 2002 година во сибирскиот град Томск, едно од главните упоришта на руската ИТ-бранша. Студенти од тамошниот реномиран универзитет на своја иницијатива онеспособиле една интернет-страница која ширела информации на исламските борци на северен Кавказ. Руската тајна служба ФСБ, како што вели Солдатов, пофално соопштила дека хакерите извршиле „патриотска обврска“ и тогаш Кремљ тоа го открил за своја корист.

И покрај порастот на влијанието на руските хакери ширум светот, Солдатов не гледа стратешки интерес во нивните активности. Москва, вели тој, дејствува тактички и се обидува да искористи одредени ситуации. Но сепак, додава тој, постои „некој вид заеднички резултат“. „Ефектот од руските хакери се состои во тоа што тие во Европа сакаат да создадат впечаток на безнадежност и недоверба“. А тоа е, вели Солдатов, нешто на што руското општество веќе се има навикнато.