1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД: Драстично проширен обем на задолжителна вакцинација

Рајнхард Клебер
10 септември 2021

Заради сузбивање на Делта сојот на коронавирус, американскиот претседател Џо Бајден ги заострува правилата за задолжителна вакцинација, посебно за вработените.

https://p.dw.com/p/408to
USA Corona-Impfstelle
Фотографија: Paul Hennessy/SOPA Images/ZUMA Press/dpa/picture alliance

Американската влада планира да ја стави под контрола пандемијата на коронавирус со помош на нова регулатива за задолжителна вакцинација. Новите правила за вакцинирање против Ковид-19 ќе важат за речиси 100 милиони вработени во приватното стопанство и здравството. Мерките се заоструваат и за вработените во владината администрација, како и за доставувачите.

На фирмите со преку 100 вработени ќе им биде наложено вакцинирање на сите работници или тестирање од најмалку еднаш неделно за невакцинираните. Новата регулатива засега е во фаза на изработка, под водство на Министерството за труд, а би требало да опфаќа околу 80 милиони вработени во приватното стопанство, соопшти Белата куќа. 

Што треба да се знае за сојот Делта?

Освен тоа, во иднина сите вработениво болниците и институциите на здравствениот систем кои примаат средства од државното здравствено осигурување, ќе мора да бидат вакцинирани против коронавирус. Правилото ќе важи за околу 17 милиони соработници. Во државните програми Медикер и Медикеид се осигурани пред сѐ постари, лица со инвалидитет и со посебни потреби. Претседателот Бајден сака сите сојузни држави да воведат задолжителна имунизација за вработените во образовниот систем, посебно на наставниците.

Бајденовата „Стратегија од шест точки“

При претставувањето на неговата „Стратегија од шест точки“, американскиот претседател Џо Бајден упати остри критики кон оние кои не се вакцинираат.

„Одредено малцинство Американци, поддржувано од одреденно малцинство избрани народни претставници, спречува да ја совладаме кризата. Она што е неверојатно фрустрирачки, е што притоа поседуваме средства за сузбивање на Ковид-19.“

Бајдензборуваше за „епидемија на невакцинирани“, околу 80 милиони луѓе, кои можеле да се вакцинираат, тоа досега не го направиле.

„Тоа е малцинство од 25 проценти. Но тие 25 проценти можат да предизвикаат многу штети, а тоа и го прават. Невакцинираните ги преполнуваат нашите болници, станиците за итна медицинска помош и за интензивна нега. На тој начин не оставаат слободни места за луѓето со инфаркт или рак.“ Бајден предупреди – „трпението“ кон невакцинираните наскоро ќе заврши.

Само малубројни исклучоци

Претходно, Белата куќа во Вашингтон потврди дека сите соработници  во владата ќе мора да се вакцинираат, од обврската ќе постојат само мал број исклучоци од посебни здравствени или верски причини, како што истакна портпаролката на Бајден, Џен Псаки. Ќе отпадне можноста за ослободување од вакцинирање преку редовно вршење тестови за коронавирус. Мерките ќе важат и за претпријатијата кои работат за владата.

USA Los Angeles Thanksgiving Heimreise
Тестирање наместо вакцинирање - во иднина за многумина вработени нема да има таква можностФотографија: Lucy Nicholson/REUTERS

Вработените во администрацијата ќе имаат рок од 75 дена за целосно вакцинирање, објасни Псаки. Оние кои дотогаш нема да примат вакцина, ќе бидат соочени со дисциплински мерки, вклучувајќи ја и можноста од отпуштање. Владата, како најголем работодавач во земјата, со овие правила сака да послужи како модел за сите фирми, истакна Псаки.

Најавените чекори на Белата куќа се натамошна поткрепа на веќе важечката регулатива за обврзно вакцинирање на федерално ниво. Таа се применува на пример кај Министерството за одбрана и Службите за ветерани, со неа се опфатени околу 2,5 милиони вработени.

Бавна вакцинална кампања

Вакциналната кампања во САД, без оглед на многуте поттици, се одвива уште прилично бавно. Досега се комплетно вакцинирани 53,4 % од вкупно 330 милиони население. Вакцините се одобрени за деца над 12 години и за возрасни. Во старосната група над 12 години целосно се вакцинирани 62,5 %, кај возрасните уделот изнесува 64%, односно 75%.

Поради посебно заразната Делта варијанта на коронавирусот, пандемијата во САД во последно време бележи засилување. Неделно се регистрирани просечно околу 150.000 нови инфекции и 1500 смртни случаи. Во првите месеци по стапувањето на функцијата на претседателот Џо Бајден, бројките бележеа големо намалување. Причина беа посебно брзите напредоци во вакцинацијата, проект со врвен приоритет за Џо Бајден. Но, поради големиот број противници на вакцинирањето и вакцинални скептичари, вакцинацијата целосно успори.

Отпор против вакцинирањето, како и против носењето заштитни маски, манифестираат пред сѐ приврзениците на конзервативните Републиканци и на поранешниот претседател Доналд Трамп. Републикански политичари одлучно се спротивставуваат на задолжително вакцинирање или носење маски. Од повторниот раст на бројот на нови инфекции посебно се погодени сојузните држави на југот на САД, каде на власт се конзервативците, како Флорида, Тексас и Мисисипи, каде болниците повторно се преоптоварени. Со оглед на широките надлежности на сојузните држави, можностите на сојузната влада во Вашингтон во борбата против пандемијата се ограничени.