1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД инсистираат на демократија во Египет

ЖАдв//ртре/дпа/афп4 ноември 2013

Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери при посетата на Египет вети натамошна помош, но побара поголема попустливост кон Муслиманското братство.

https://p.dw.com/p/1AB3N
Фотографија: Reuters

Џон Кери, американскиот министер за надворешни работи, ја увери преодната влада, поддржана од војската, дека САД и натаму ќе испраќаат помош на земјата, како хуманитарна, така и во борбата против тероризмот. Тој изјави дека Египет го очекуваат „сериозни предизвици“ и „бурни години“, што важи и за американско-египетските односи, но ги повика Египќаните да го продолжат „походот кон демократијата“. Економскиот напредок на Египет е непосредно поврзан со стабилноста на земјата и нејзината демократизација, изјави Кери на заедничката прес конференција со својот египетски колега по функција, Набил Фахми (на фотографијата). Тој исто така ја истакна неопходноста да се сопре насилството и да се гарантираат праведни и транспарентни судски процеси за сите Египќани.

Кери потенцираше дека односите меѓу Вашингтон и Каиро не треба да се определуваат единствено од тоа колкава е американската помош за Египет и оти не треба нејзиното замрзнување да се толкува како казна за Египет, мислејќи на временото запирање на американската помош за Каиро од над една милијарда долари, откако во јули беше соборен Мурси. Посетата на Кери на Каиро е прва по соборувањето од власт на претседателот Мохамед Мурси.

Според Фахми пак, изјавите на Кери и планот на командантот на армијата генерал Абдел Фатах ал Сиси, објавен по соборувањето на Морси, покажуваат дека САД и Египет се стремат да ги обноват нормалните билатерални односи. Планот на Ал Сиси предвидува промени во происламскиот устав, одобрен минатата година, спроведување национален референдум до крајот на оваа година и претседателски избори до пролетта 2014. година.

Во меѓувреме, приврзаниците и противниците на соборениот египетски претседател Мохамед Мурси се судрија вчера во исламскиот универзитет „Ал Азхар“ во Каиро, но потоа биле разделени од силите за безбедност.

Денеска треба да почне судскиот процес против Мурси, обвинет за поттикнување на убиство на опозициски демонстранти во декември.