1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД останува стратешки партнер

17 мај 2009

САД останува стратешки партнер на Македонија и ги поддржува напорите во рамките на ОН за изнаоѓање прифатливо решение за разликите околу името, изјави во Скопје, заменикот државен секретар на САД, Џејмс Стајнберг.

https://p.dw.com/p/Hs3L
Фотографија: AP GraphicsBank

„Раговаравме за тоа како да ја продолжиме соработката која придонесува за постабилен регион. Взаемната соработка е важна за САД, заедно можеме да постигнеме многу и очекуваме плодна соработка и во иднина“, изјави Џејмс Стајнберг по средбата со македонскиот премиер Никола Груевски.

Високиот американскиот дипломат нагласи дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ја поддржуваат Македонија во евроатланските интегративни процеси, заблагодарувајќи се, притоа, за македонското учество во мировните мисии на НАТО во Ирак и Авганистан.

Груевски истакна дека е исклучително важно што во изминатите години САД беа стратешки партнер и што соработката меѓу САД и Македонија одлична: „Тоа пријателство и таа соработка ќе ја продолжиме и натаму. Таа резултираше со огромен број на зеднички проекти и ние се надеваме дека ќе резултира со наше полноправно членство во НАТО“, изјави македонскиот премиер.

Во врска со името, Стајнберг ја повтори американската заинтересираност да се изнајде заемно прифатливо решение меѓу Македонија и Грција.

„САД силно ги подржува напорите на медијаторот Метју Нимиц за изнаоѓање заедничко решение за името од што придобивка ќе имаат двете земји“’, изјави американскиот заменик државен секретар Стајнберг.

Премиерот Груевски посочи дека Македонија е во исчекување да завршат европските избори во Грција, „по кои би продолжиле разговорите за изнаоѓање на решение“.

Стајнберг, во официјална посета на Македонија, прва од неговото назначување во јануари 2009, пристигна од Грција, каде во петокот имаше средби со грчкиот премиер Костас Караманлис и со шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани

Разликите околу името меѓу Атина и Скопје беше една од темите на разговорите, потврди Бакојани на заедничката прес конференција.Таа рече дека имала многу корисна средба со Стајнберг, на која детално го информирала за грчките позиции околу името.

Автор: ЕМФ/макфакс