1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД собираат информации за нападот со хемиско оружје крај Дамаск

АТ/ афп/дпа/ртр25 август 2013

Дали режимот на Асад употребил хемиско оружје или не? Американскиот претседател Барак Обама сака да почека да добие евентуални натамошни докази. Но, тој и британскиот премиер Камерон гледаат дека бројот на индиции расте.

https://p.dw.com/p/19Vnj
Фотографија: Reuters

Со оглед на извештаите за употреба на отровен гас од страна на сирискиот режим, владата на САД ги собира и проверува фактите. По средбата на претседателот Обама со неговите советници за безбедност Белата куќа соопшти дека американските тајни служби треба да продолжат да собираат податоци во „координација со меѓународните партнери“ за без сомнеж да се утврди што се случи во Сирија.

Истовремено Белата куќа соопшти дека Обама добил преглед за можните реакции на САД. Од кругови на Министерството за одбрана претходно продре информацијата, дека меѓу предлозите се и воени опции.

Индициите се зголемуваат

Американскиот претседател поради сирискиот конфликт телефонираше и со британскиот премиер Дејвид Камерон. Портпарол на Камерон соопшти дека двајата биле согласнио дека на значителна употреба на хемиско оружје мора да следува сериозна реакција од меѓународната заедница. „И двајцата се многу загрижени, поради нападот кој се случи во средата во Дамаск и поради растечките индиции за тоа дека тоа беше значителна употреба на хемиско оружје од сиририскиот режим против сопствениот народ“, рече портпаролот.

Сириската опозиција ја обвини војската на претседателот Башар ел Асад дека во средата во голем напад со хемиско оружје во близина на Дамаск извршила масакр, во кој биле убиени 1.300 луѓе. Организацијата Лекари без граници информираше дека 355 пациенти со симптоми на труење починале во сириските болници. Вкупно во средата наутро во рок од три часа во болниците се пријавиле околу 3.600 луѓе со токсични симптоми.

Владата во Дамаск меѓутоа ги отфрла обвинувањата. Министерот за информации Омран ал Сохби за телевизијата Ал Мајадин со седиште во Либан рече дека неговата влада „никогаш не употребила хемиско оружје во Сирија, во која и да е форма, течна или како гас“. Армијата немала потреба од такво нешто, пред сѐ врз основа на нејзиниот „висок морал“ и нејзините успеси во борбата против тероризмот.

Состојбата во Сирија ќе биде тема на конференција на високи по ранг воени лица од западните земји денеска во соседен Јордан. Средбата е планирана подолго време и треба да трае во 27. август. На средбата треба да учествуваат меѓу другите и претставници на САД, Велика Британија, Франција, Германија, Канада, Италија, Турција, Саудиска Арабија и Катар.