1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД: студент уби 32 лица, па си пресуди и самиот

17 април 2007

Америка е потресена: во Блексбург, Вирџинија, се случи најтешката трагедија од таканаречените амок-напади на споулавени поединци-сторители. Во случајов убиец е студент, најверојатно од Кина

https://p.dw.com/p/Abxi
Сцени од настанот
Сцени од настанотФотографија: AP/The Roanoke Times, Matt Gentry

32-те жртви на нападот извршен во универзитетскиот кампус во Блексбург се студенти и двајца професори на Техничкиот Универзитет на Вирџинија. Едниот, 75-годишен доселеник од Романија, веројатно им го спасил животот на повеќемина од своите студенти, спротивставувајќи му се на напаѓачот на влезот од предавалната. Тоа на неговата сопруга по мејл и го јавиле некои од студентите.

Масакрот, според непотврдени информации од студент од Тајван, го извршил студент од Кина, кој претходно се скарал со својата пријателка во студентскиот дом и ја застрелал. Ова се совпаѓа со познатите факти дека уште во 7 часот и 15 минути изутрината по локално време на полицијата и’ било јавено за истрели во студентскиот дом.

До нови истрели дошло два часа подоцна во друга зграда со предавални. Според описи на студенти кои неповредени успеале да избегаат од една од предавалните во кои се одиграл главниот масакр, станува збор за млад човек со азијатски изглед. Прво го ликвидирал професорот, потоа студентите. На крајот, кога пристигнала полицијата, се самоубил и тоа со истрел во главата, поради што повеќе часови не можел со сигурност да биде иднетификуван. На полицијата, која засега не сака да го објави неговиот идентитет, и’ се префрлува за тешки пропусти, посебно што дозволила по првите истрели, да дојде и до втор напад.

Повеќе стотици студенти вечерта по локално време на универзитетскиот кампус им оддадоа почит на настраданите. Ниеден од шестемина германски студенти од Техничкиот Универзитет од Дармштат, кој од 2004-та спроведува програма на размена со Универзитетот на Вирџинија - меѓу водечките 20 во САД од областа на техничките науки, не настрада во масакрот.

Чарлс Стегер, претседател на Универзитетот основан во 1872-ра година, на кој сега студираат 26 илјади студенти, зборуваше за “трагедија од монументални размери”.

Сенатот и Претставничкиот дом на американскиот Конгрес со минута молчење им оддадоа почит на жртвите на масакрот. Претседателот Џорџ Буш искажа потресеност и вчудовиденост:

“Нашата нација е шокирана и тажна поради вестите за денешните настани на Универзитетот на Вирџинија”. Тој и сопругата, како и многумина Американци, се молеле за жртвите и за нивните роднини. “Училиштата треба да бидат места на сигурност, прибежиште и места за учење” – нагласи Буш. Германскиот канцелар Ангела Меркел по телефон му искажа сочувство на американскиот претседател.

Масакрот од малиот универзитетски град Блексбург веднаш ги обнови сеќавањата на настаните во Коломбајн, во американската сојузна држава Колорадо, пред 8 години, кога двајца младинци убија 12 студенти а потоа и самите себе си. Па сепак, претседателот Буш, преку портпаролот Дена Перино, и во ваква пригода нагласи дека “смета оти луѓето имаат право да носат оружје, но мора да се придржуваат кон законите”. Во САД во приватен посед се наоѓаат околу 200 милиони парчиња огнено оружје. Силното лоби на индустријата за оружје досега успеваше да спречи било какво заострување на очигледно лабавите закони.