1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД ќе ги одмрзнат парите за Иран

ЕМФ/ард13 јануари 2014

Од наредниот понеделник треба да почне да се спроведува преодниот договор за решение на атомскиот спор со Иран. И Техеран и САД и ЕУ потврдија дека е постигната согласност, која значи и пари за Иран.

https://p.dw.com/p/1ApUW
Фотографија: Getty Images

Според наводи на иранскиот заменик министер за надворешни работи Абас Арагчи, Техеран во првата фаза ќе облагородува ураниум до 20%. За возврат другата страна ќе ги одмрзне парите од нафтата во износ од 4,2 милијарди долари. Зелено светло за првата транша од 550 милиони долари ќе биде дадено на 1 февруари, јавува „Вашингтон пост“. Шесте транши треба да бидат исплатени до јули, јави телевизијата Фокс Њус. Наскро двете страни во преговорите околу атомската програма ќе ги продолжат разговорите, за во „завршната фаза“ да се дојде до конечна согласност, рече Арагчи.

Обама со пофалби за „конкретниот чекор“

Американскиот претседател Барак Обама согласноста ја оцени како „конкретен чекор“ и посебно го истакна фактот дека Иран првпат почнува со уништување на повисоко облагородениот ураниум и демонтажа на опремата со која е можно вакво облагородување.

Обама рече дека „нема илузии“ колку е тешко да се постигнат зацртаните цели и да се најде трајно решение, но додаде: „Во интерес на нашата национална безбедност, мирот и безбедноста во светот, време е на дипломатијата да и‘ се даде шанса за успех.“

Американскиот претседател нагласи дека преостанатите санкции ќе бидат „енергично“ спроведени и можат дури и да бидат заострени доколку Иран не ги исполни обврските. Во овој момент, меѓутоа, според Обама, нема потреба од нови санкции, како што бараат дел од членовите на Конгресот.

Atomverhandlungen mit Iran in Genf
Преодниот договор беше постигнат во ноември 2013-таФотографија: Reuters

Штајнмајер: Одлучувачки чекор

И германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер оцени дека станува збор за одлучувачки чекор. „По многу години тешки преговори сега ни успеа првпат да постигнеме договор со конкретни, транспарентни чекори, кои може да се проверат до детал за да се ограничи иранската атомска програма“, се вели во соопштението на Штајнмајер.

Иран со петте сили со право на вето во Советот за безбедност (САД, Велика Британија, Франција, Русија и Кина) и Германија постигна преоден договор во ноември. Според првиот европски дипломат, Кетрин Ештон, треба да се расчистат уште извесен број технички детали. Договорот трае 6 месеци, а рокот треба да биде искористен за постигнување трајно решение за проблемот.