1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Саемот за книги во Франкфурт со нови импулси на пазарот

Петра Ламбек / Александар Методијев9 октомври 2013

Меѓународната издавачка сцена оваа недела повторно се среќава во Франкфурт со цел продажба на книги, одржување на контакти и дискутирање. Значајна е темата за иднината на саемите на книга, а идеи за тоа има многу.

https://p.dw.com/p/19wH2
Фотографија: DW/J. Kürten

„Браншата живее - таа вибрира!“ Со овие еуфорични зборови директорот на саемот на книга во Франкфурт, Јирген Боз, го отвори годинашното издание на меѓународната манифестација. На саемот сакаат да се претстават многу нови компании. „Има толку многу нови идеи во маркетингот, но и во создавањето на книгите, има и млади автори со нови теми и формати, а сето тоа покажува дека се оди напред“, рече Боз на прес-конференција.

Франкфуртскиот саем на книгата е најголем од тој вид на светот. Оваа година на него се очекуваат 7.100 излагачи од 100 земји.

На издавачката дејност и’ оди добро

За „еуфорична атмосфера“ зборува и Александер Скипис, главниот извршен директот на Асоцијацијата на германски издавачи и книжари. Тој смета дека ситуацијата во браншата често е претставена помрачно отколку што во реалноста е.

Porträt Geschäftsführer Börsenverein des Deutschen Buchhandels Alexander Skipis
Александер СкиписФотографија: picture-alliance/dpa

„Ние имаме, со исклучок на последните две години, во кои имаше минус во приходите од 0,8 и 1,4 проценти, деветгодишен раст во нашата бранша. Со други зборови кажано, побарувачката на книгите, односно интересот на луѓето за читање и натаму е енормно голем“, оценува Скипис.

И покрај тоа, секако дека постојат и предизвици. Книжарите се во енормен процес на менување, бидејќи конкуренцијата од онлајн продажбите е многу голема. Важен момент се и цените на книгите во Германија, кои ќе бидат тема за дискусија на саемот. Таа мора да биде на одржливо ниви, имајќи го предвид планираниот договор на ЕУ со САД за слободна трговија. На тој начин би се задржала разновидноста на германската книжевна култура.

Frankfurter Buchmesse 2008
И оваа година се очекуваат околу 280.000 посетители на саемотФотографија: Frankfurter Buchmesse/Peter Hirth

Место за средби и трговија

Покрај бројните специјализирани настани и дискусиите на темата развој на маркетингот и продуктите, сепак на саемот главна теме се книгите и литературата. Саемот на книгата во Франкфурт е и место на кое се преговара за лиценците. Повеќе од 600 агенти од целиот свет кои откупуваат авторски права доаѓаат во Франкфурт за да преговараат за откупување на авторските права на авторите, на книгите и преводите.

За книжарите овој саем пред се’ е место за средби и одржување на контакти. На него се очекува учество на околу 1.500 автори, меѓу кои и бројни познати имиња.

„Желбата за контакти, преку директна размена на мислења за литературата, е многу голема“, вели портпаролката на саемот, Катја Бене. А, тоа се гледа и од се’ пообемната програма на саемот. На годинашниот план стојат 3.600 настани, односно 150 повеќе од претходната година. Меѓу нив ќе има класични формати, како читања, потпишувања на книги и дискусии, но и различни доделувања на награди. Меѓу нив е и Германската книжевна награда, која секоја година се доделува на почетокот на саемот, а во понеделникот вечерта (07.10.) и’ беше доделена на германската авторка со унгарско потекло Терезија Мора. Меѓу наградите е и Мировната награда на германските книжари, која се доделува на затворањето на саемот. Таа оваа година ќе оди во рацете на белоруската авторка Светлана Алексијевич.

Бразил е почесен гостин

Посебно внимание оваа година им се обрнува на бразилските автори. Под мотото „Бразил - земја полна со гласови“ оваа земја се презентира по вторпат како почесен гостин на саемот на книгата во Франкфурт. Програмата со почесни гости постои од пред 40 години. Целта е да се направи меѓународно позната литературата од различни земји, како и да се зголеми бројот на преводи. Покрај бројните претстаувања на книги и читања, постои и културна програма со уметнички изложби, концерти, танцови претстави и перформанси.

Graffiti Deutsche Bank Frankfurt am Main
Бразилски графит на саемот во ФранкфуртФотографија: imago stock&people

И фудбалот ќе најде свое место на саемот. В петок (11.10.) ќе се одржи пријателски натпревар меѓу бразилски и германски автори.