1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

121009 Jugend Jugendmesse YOU

19 октомври 2009

Околу 140.000 посетители дојдоа на големиот саемски простор во Берлин за да ја видат и доживеат понудата на најголемиот Младински саем во Европа, што го носи насловот "YOU".

https://p.dw.com/p/K842
Фотографија: Messe You

Во халите имаше 170 излагачи, кои се претставија со понуди од полето на образовните можности за младите, спортот и забавата. Саемот се одржува по единаесетти пат, а интерес за него покажаа и електронските и интернет-медиумите кои имаат понуда за младата публика. Меѓу нив се најдоа и репортерите на интернет порталот „Цајтјунг“, со седиште во Минхен, кои три дена известуваа во живо за најновите трендови на саемот.

Нуркање во турканицата

Врони и Елијас веднаш се впуштаат во големата мешаница што владее на саемот за млади во Берлин. И таа и тој имаат по 23 години и веќе некое време работат за интернет-порталот „Цајтјунг“. Прво што им го привлекува вниманието е големото пано, на кое сите посетители можат слободно да импровизираат лепејќи црни и сребрени лепливи ленти. Тоа е новиот вид андерграунд уметност на младите, што се нарекува „тејп-арт“ и претставува еден вид цртање графити, но со лепливи ленти во боја. Пред паното долго цели 30 метри се собрани поголем број млади, кои со лентите испишуваат разни букви и натписи, или пак, со нив цртаат цели слики. Врони вели: „Ние сме овде како репортери на порталот ’Цајтјунг’, што значи дека сме еден вид гласноговорници на младите. Затоа овде ќе налепам ленти што ќе потсетуваат на мегафон...“

Спорт, музика, образование

Врони брзо се заситува од лепењето ленти по огромното пано и го повлекува колегата Елијас во следната хала, каде што се чини дека е помирно, отколку во халата со понуди за спорт и рекреација. Овде сега станува збор за можностите за образование на младите. Дури 70 претпријатија од индустриската, трговската и занаетчиската бранша имаат сопствени штандови, на кои ги презентираат понудите: „Сега се наоѓаме на штандот на трговската комора на Берлин, каде се нудат можности за образование. Овде има голем број луѓе, кои лепат мали плочки во еден вид мозаик. Кога ќе им погледнете преку рамениците, тогаш можете да видите како создаваат разни облици со плочките и тоа многу ми се допаѓа“, вели Врони.

Die Linke - Linksjugend: Stand auf der Jugendmesse YOU 2008
И политичките партии имаат штандови на Саемот за млади: штандот на Партијата на левицатаФотографија: flickr / Die Linke

Таа е исто така студентка и носи тесни црни хеланки и тесно скроена карирана кошула, што по боите и по материјалот потсетува на канадските дрвосечачи. Таа нема време да им се придружи на другите пред штандот и самата да лее плочки и други фигури од гипс. Овојпат, колегата Елијас ја повлекува кон друг штанд, на кој во моментот има голем број посетители.

Од шминка до нови танци

Тие поминуваат покрај автобус, во кој на девојките им се нуди стручна помош за шминкање и дотерување, потоа одат покрај едно мини фудбалско игралиште и покрај затегната гумена сајла, на која може да се балансира, за да стигнат до бината пред која танцуваат повеќемина млади. Тие носат афро-фризури и маички со натпис „Танц за животот“ - исто како и момчето на бината. „Танцот за живот зборува за сидата, за ХИВ-вирусот, како и за кампањата за превенција од оваа болест, но овојпат поврзано со музика и танц. Нашата организација размислуваше како може најдобро да ја пренесе пораката од нашата информативна кампања, посебно до оние луѓе кои најмалку се интересираат за кампањата. Така решивме да им се приближиме и да ги инспирираме со помош на нов танц, со музика што им се допаѓа и да ги придвижиме на активно учество во врска со сидата“, појаснува Александер Хауер, соработник на тимот на „Денс фор лајф“. Оваа организација успеа да привлече поголем број млади на саемот преку т.н. флешмоб, или спонтан собир на луѓе кои не се познаваат и кои само ја нашле информацијата за настанот на интернет-страната. Целта на оваа организација е да го прошири новиот вид танцување низ целиот свет, не само на Саемот за млади во Берлин. Затоа, пред бината стрпливо се вежбаат чекорите на новиот танц.

BdT Jugendmesse "You Berlin 2006"
Богата спортска понуда: инлајн-скејтер на саемот во БерлинФотографија: picture-alliance/dpa

Богата музичка понуда

Бината со новиот танц е само еден од многуте музички настани на Саемот за млади, каде во трите дена настапија вкупно 150 пеачи и музички групи. Тие доаѓаат од повеќе музички правци и субкултурни сцени како рок, поп, хип-хоп и други. Во рамките на фестивалот се одржа и натпревар на рап-пејачи.

Во рамките на бројните спортски понуди, пак, Саемот беше домаќин и на светското првенство во „паркур“, новата спортска вештина, во која станува збор за брзо поминување на разни пречки.

Но, Елијас веќе е заминат на друга страна. Тој пишува статија за неговото интернет списание, во која се осврнува на начинот на облекување на некои од промотерите и промотерките, коишто беа ангажирани на саемот. За негов вкус тие се премногу разголени: „Еден тренд што ми падна в очи, тоа е што фирмите се обидуваат да ги продаваат своите производи, или услуги со сексепилен изглед на промотерите. Така, на пример, фирмата што во Германија ги изготвува телефонските именици и именици на фирми пушти соработници за саемот, кои беа навистина малку облечени...“

BdT: Jugendmesse You
Еден од плакатите што го рекламираа Саемот на младиФотографија: Messe You

Ова се однесува на пример на девојките и момчињата кои на горниот дел немаа ништо облечено, туку само беа обоени со разни бои. Ова е сосема погрешна тактика, нагласува Елијас.

Позитивен биланс

Неговата колешка Врони, меѓутоа, се’ на се’ стекнала позитивен впечаток од целата манифестација. Нејзе Саемот за млади и’ се допаѓа: „Овде навистина има голема и разновидна понуда. Ако некој се интересира за студирање, или образование за некој занает, тогаш може многу добро да се информира, бидејќи тука се застапени навистина сите поголеми фирми. На нивните саемски штандови има навистина се’ што е потребно за добар и правилен избор. Ако некој сака да спортува, тогаш треба да оди во халата за спорт и мода. Ако, пак, сака да слуша музика, тогаш овде на овие бини има голема понуда - мислам дека навистина има за секого по нешто...“

Автор: Лидија Лајперт / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска