1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сакаме да направиме историја

29 март 2010

Кошаркарите на Фени Индустри му се радуваат на пехарот од Купот на Македонија. Тренерот на Фени, Емил Рајковиќ: „Сиот тој труд што го вложивме со кошаркарите се исплатеше, а се надевам дека нема тука да застанеме.“

https://p.dw.com/p/Mgdk
Емил РајковиќФотографија: Zlatko Kalinski

Виница беше средиштето на главниот спортски настан-завршницата од кошаркарскиот Куп на Македонија. Крајот беше обоен во портокалово, во боите на Фени Индустри. Го однесе пехарот во Кавадарци, откако во финалето го совлада Торус со 81:67. Тренерот на Фени, Емил Рајковиќ за првиот победнички чекор во сезоната вели:

„Задоволството е големо, бидејќи по една година титулата ја враќаме во Кавадарци. Сиот тој труд што го вложивме со кошаркарите се исплатеше, а се надевам дека нема тука да застанеме...“

Фени има добри шанси

Тоа е втора Куп-звездичка на Фени, чии кошаркари првпат славеа во 2008-та година. Кавадарчани минуваат низ силна натпреварувачка фрекфенција. Играат во завршницата од македонмското првенство и во БИБЛ лигата. Охридски Торус им е испречен и во плеј-оф полуфиналето од националниот шампионат. Проценката на Рајковиќ за шансите на Фени да ја освои титулата:

„На почетокот на првенството битката на три фронта ни го одзеде вниманието и концентрацијата. Загубивме неколку натпревари, кои можеби не требаше да ги загубиме, но како одминуваше регуларниот дел од првенството ги поправавме работите. Сега сме во одлична позиција. Против Вардар водиме со 1:0 во првенството, а со Торус имаме предност на домашен терен. Мислам дека шансите се на наша страна.“

Во надигрувањето на екипите од Балканот, во се‘ попопуларната БИБЛ лига, Фени Индустри стигна до завршниот фајнал-фор. Ловќен од Црна Гора е противник во полуфиналето. Желбите се победнички:

„Ниту една македонска екипа нема освоено интернационална титула. Мене би ми било огромно задоволството да направиме историја, македонски клуб прв пат во таа балканска лига да освои трофеј.“

Mazedonien Land und Leute Mazedonisches Basketball-Nationalteam
Каква кошарка се игра во Македонија-националната селекцијаФотографија: Petr Stojanovski

Специфична кошарка

Неодминливо е прашањето за квалитетот на македонската кошарка. Емил Рајковиќ вели дека кошарката што се игра е многу специфична.

„Морам да кажам дека нашата кошарка е специфична. Во отсуство на вистински центри играме кошарка, која не е карактеристична за високите лиги. Но, не смее да се каже дека е неквалитетна. Има креативни тренери, има доста играчи, кои излегуваат особено на бековските позиции. Ние сме расадник за добри бекови. Играме брза, интересна кошарка! Можеби во однос на минатата година квалитетот е нешто послаб, но се надевам дека веќе следната година, со помош на поголеми фирми, кои ќе излезат од рецесијата, повеќе ќе се заинтересираат за кошарката и повеќе ќе донираат во неа и воопшто во спортот.“

Македонската кошаркарска карта како да се менува. Ова е сезона без брендовите Работнички и МЗТ Скопје во битките за почестите. Фени, Вардар, Торус, Овче Поле се сега имињата што ја одбележуваат.

Автор: Златко Калински

Редактор: Жана Ацеска