1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самарас: Грција може да заврши како Вајмарската република

БГ/дпа/афп22 август 2012

Грчкиот премиер во интервју за германскиот весник „Билд“ бара пролонгирање на роковите за реформи, за земјата да се спаси од целосен колапс.

https://p.dw.com/p/15tzY
Фотографија: AP

Грчкиот премиер Андонис Самарас побара дополнително време за спроведување на мерките за штедење и реформите во неговата земја. Самарас денеска (22.08) се среќава со шефот на еврогрупата Жан Клод Јункер, а в петок и сабота (24/25.08) со германската канцеларка Ангела Меркел и со францускиот претседател Франсоа Оланд.

„Ние не бараме повеќе пари. Ќе се придржуваме до нашите обврски, но потребен ни е повеќе простор за да ја заживееме економијата и да го зголемиме приходот на државата“, изјави Самарас во интервју за весникот „Билд“.

„Бележиме напредок во структурните реформи и во приватизацијата. И не е фер кога некои луѓе во Европа сакаат да не‘ вратат назад“, рече Самарас.

Во рамките на пакетот мерки за санирање на долговите и добивање помош од меѓународната заедница, Грција се обврза да скрати околу 11,5 милијарди евра од буџетските трошоци до 2013. година. Самарас сега сака да разговара со европските партнери во Берлин и Париз околу продолжување на овој рок за најмалку две години, до почетокот на 2016. година.

Официјален Берлин во неколку наврати најавуваше дека нема да прифати пролонгирање на роковите.

Исполнувањето на тие услови е минимумот за Грција да може да ја добие следната транша од кредитот вреден околу 30 милијарди евра. Во спротивно, Самарас стравува од колапс на државата.
„Доколку Грција излезе од еврозоната тоа ќе значи уште најмалку пет години рецесија и невработеност од 40 проценти. Тоа е кошмар за Грција: економски колапс, социјални немири и невидена криза на демократијата. На крајот ќе завршиме како Вајмарската република“, порача Самарас во интервјуто за „Билд“.