1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самитот на АСЕАН прекинат поради насилни протести против владата на Тајланд

11 април 2009

Тајландската влада по протестите воведе вонредна состојба во летувалиштето Патаја (11.04.2009) и го прекина започнатиот самит на државите од југоисточна Азија. Одлуката е донесена од безбедносни причини.

https://p.dw.com/p/HUmj
Демонстрантите изнудија прекин на самитотФотографија: AP

Се работи за безбедноста на шефовите на држави или влади на земјите од АСЕАН, е образложението за воведената вонредна состојба во Патаја, но и во други делови на земјата, што го соопшти премиерот Абхисит Веѓаѓива во телевизиското обраќање утрово (11.04.2009).

Претходно на демонстрантите им успеа, и покрај големото присуство на силите за безбедност, да продрат до Центарот за медиумите во зградата каде се одржува самитот. Истовремено тие ги блокираа приодите до хотелот во кој се сместени учесниците на самитот. Поради тоа мораше да бидат откажани повеќе помали средби на политичарите, пред целосно да биде прекинат и целиот самит, кој требаше да заврши утре. Средбата на шефовите на државите од АСЕАН ќе биде одржана по два месеца, соопшти владин претставник.

Asean Proteste Thailand
Протести против актуелниот тајландски премиерФотографија: AP

Протестите не се против самитот на АСЕАН

Демонстрантите јасно ставија на знаење дека нивниот протест не е насочен против самитот, туку против тајландската влада на премиерот Абхисит Веѓаѓива. Уште вчера повеќе илјади луѓе ги искршија бариерите кои ги постави полицијата во Патаја. Центар на протестите претходно беше главниот град Бангкок, каде илјадници приврзеници на во 2006 година соборениот премиер Таксин Шинаватра бараа оставка на актуелниот шеф на владата.

Веѓаѓива дојде на власт на крајот на 2008 година, по масовните демонстрации на неговите приврзеници против новоформираната партија на Таксин. Тогаш демонстрантите го зазедоа и аеродромот во Бангкок, стотици илјади туристи и деловни луѓе останаа принудно во земјата, а економијата претрпе тешки штети.

ЖА/дпа/ап/ројтерс