1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит без одлуки

ЕМФ/дпа/афп/дапд21 декември 2012

Во Брисел денеска (21.12) се одржува 30. самит ЕУ - Русија. Ќе се разговара за актуелни надворешнополитички прашања и рускиот придонес во снабдувањето со енергија на државите на ЕУ.

https://p.dw.com/p/177IW
Фотографија: dapd

Дипломати во Брисел нагласуваат дека ова ќе биде работен самит, на кој нема да бидат носени одлуки. Двете страни имаат различни ставови по прашањето на енергетска политика - Русија го отфрла барањето на ЕУ за поделба на коцерните кои лиферуваат енергија и оние кои се задолжени за мрежата. Освен тоа, ЕУ и Русија не зборуваат со ист јазик ниту по прашањето за визни олеснувања за Русите кои сакаат да патуваат во Унијата. Што се однесува до надворешнополитичките прашања, разликите пред се‘ ги има по прашањето на сирискиот конфликт и повредите на човековите права во Русија.

Од руска страна на самитот во Брисел доаѓа рускиот претседател Владимир Путин. Тој вчера, на својата најголема прес-конференција од 2008 година, четирипол часа разговараше со 1200 новинари. Со тврдост во ставовите, но татковски тон, тој ја бранеше својата политика од растечките критики. Во тесната сала на московскиот Светски трговски центар 60-годишниот Путин на луѓето од медиумите им порача дека неговата политика не е агресивна. „Ние сме провоцирани“, нагласи рускиот претседател. А на провокации, сеедно од каде доаѓаат, Кремљ мора да одговори. Владимир Путин зборуваше за рускиот став кон сириската војна, напрегнатите односи со САД, намалената казна за познатиот критичар на Кремљ Михаил Ходорковски, па дури и по прашањето за пропаста на светот. Пораката од прес-конференцијата гласеше: Русија останува на досегашниот курс.

„Во прва линија Путин сака да покаже дека е здрав и фит“, вели експертот за Русија Штефан Мајстер од Германското друштво за надворешна политика. „Во последно време имаше гласини дека Путин е болен и со својот настап тој сакаше да ги демантира ваквите шпекулации“, вели Мајстер. Според него, рускиот претседател за време на настапот не покажал нови идеи и насоки околу тоа каде сака да ја води Русија, економски и политички.