1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит во Сочи за Сирија

ЖА / агенции
22 ноември 2017

Во Сочи се одржува самит на претседателите на Русија, Турција и Иран посветен на сирискиот конфликт и наоѓањето политичко решение за него.

https://p.dw.com/p/2o4gu
Kombibild Putin Rohani Erdogan

По две години воено учество на Русија во сириската граѓанска војна, шефот на Кремљ, Владимир Путин, најавува заложби за покренување политички процеси за решавање на конфликтот. Важна етапа би можел да биде денешниот самит на Путин со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и со иранскиот, Хасан Рохани, во рускиот град Сочи.

Кратко пред тројниот самит Путин имал подготвителна средба со сирискиот властодржец Башар ал-Асад,  по која рускиот претседател најави скор крај на воениот ангажман во Сирија.

„Подготвена е основа за она што ќе биде договорено во Сочи, да може вистински да биде реализирано, а не да остане само на хартија“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

Ова не е прва средба на тројцата шефови на држави, Путин, Ердоган и Рохани, на тема Сирија, тие повеќепати посредуваа за мировни преговори меѓу сириската влада и опозицијата, како дополнување на мировниот процес воден од ОН во Женева.

Во пресрет на самитот во Сочи, Путин презеде опсежна дипломатска активност, во чии рамки телефонски ја дискутирал ситуацијата во Сирија со својот американски колега Доналд Трамп. Според информации од Белата куќа, двајцата претседатели во едночасовниот разговор го истакнале значењето на стабилна и обединета Сирија, ставање крај на воените дејства и на хуманитарната криза. Освен Трамп, за својата средба со Асад Путин ги информирал и саудискиот крал Салман, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси.

Русија, заедно со Иран, воено ја поддржува сириската влада. Руската авијација со воздушните напади овозможи решавачки пресврт во сириската војна, во меѓувреме големи делови од земјата повторно се под контрола на владините трупи. Терористичката милиција Исламска држава ги загуби речиси сите освоени подрачја.

Турција пак ги помага сириските бунтовници и важи за огорчен противник на Асад. Ердоган пред самитот во турскиот парламент изјави: „Во Сирија уште е на власт режимот на Асад, на чии раце се наоѓа крва од стотици илјади негови граѓани.“