1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит на „воџите“

Гордан Георгиев
4 јуни 2019

Навивањето може да се канализира за да не предизвикува раздор, гадење, омраза, страв. Свикајте самит на навивачки групи т.е. „воџите“. Дајте им одговорност и задачи. Колумна на Гордан Георгиев.

https://p.dw.com/p/3Jodr
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Од мои пет години одам на Јужна, а некаде од мојата единаесетта година тргнав и на Запад. На Јужна одев прво со дедо ми, седевме долу, таму каде што сега е база на Стара Гарда, а потоа со татко ми. Кога ми удри во глава пубертетот, со другарите првпат отидовме на Запад. Мала расклатена железна врата, гужва пред неа и пцовки до редарите зошто не нѐ пуштаат без карти. Десет минути откако ќе почне натпреварот, сите нѐ пуштаа, без карти. „Запад“ тогаш беше вистински Див Запад. Вистинска галерија на најголемите „гадови“ (така ги викавме познатите тепачи и малтретирачи на помлади, но и постари, од себе). Јас и моите другари не бевме дел од ниедна комитска групација и немавме речиси никаков „грб“. Живеевме во Капиштец и на Млечен, а таму живееја „педерчињата“. На секоја „утакмица“ имаше по неколку тепачки помеѓу навивачите на Запад. Тестостерон, докажување, борба за превласт. Кисела Вода беше главна во мое време, сите главни воџи беа од таму. Од Ѓорче Петров исто така. Пеевме сѐ и сешто. Ѕинго педер напред Вардар, Секс со Битолчанки ша ла ла ла ла, Битола нема аеродром, О Сузана... В-М-Р-О Д-П-М-Н-Е, Стопанската банка наша... Гасна комора сѐ уште не беше на репертоарот, ама Фокер 100 беше на репертоарот. Не се сеќавам дали некои од овие „политички некоректни“ стихови сум ги избегнувал, ама веројатно не. Повеќето не сум ги разбирал, или едноставно ми биле интересни. Моите дома немаа поим што сум правел и каде сум бил. Ниту што сум пеел. Сум го учел животот од сите негови страни, сум се обидувал да селектирам добро од лошо, сум растел криво, па сум се исправал. Ветрот дувал на повеќе страни, а ластегарката наречена млад живот била тенка и еластична.

Не сум следел политика тогаш. Не сум знаел што е политика. Бегло знаев дека беснеат војни во мојата некогашна Југославија, тогаш дознавав дека во мојата држава постојат и некои други кои се викаат Албанци, а ние (бидејќи сѐ уште немав свое „јас“) ги нарекувавме Шиптари. Не ни знаев зошто толку го пцуеме Ѕинго и што тој згрешил, освен дека Силекс одеднаш, од нигде-никаде, од росна ливада, стана фудбалски шампион на Македонија. Не знаев ни што точно е тоа ВМРО, а уште помалку ДПМНЕ, иако го пеев и тоа под палката на воџите и веројатно добро ми звучело.

Манипулирање

Навивањето е пасија, начин на живот, уживање во толпа, спортска војна во мир. Те понесува атмосфера, се воодушевуваш на воџите, на транспарентните, на сценографијата, на ритмичноста на песните, тагуваш во поразите, претерано екстатичен си во победите. Ти се буди некаков праисториски, добро запретан Ид.

Знам, дефинитивно престанав да одам на стадион некаде по таканаречените студентски (а всушност одвратно партиски инструментализирани) протести поради наставата на албански јазик на Педагошка академија. Никогаш повеќе не стапнав на Запад. Во меѓувреме отидов на Запад, во Франција и Англија, и учев за толеранција, почитување, соживот, демократија и.т.н. И таму не беше сјајно, ама „купив“ доста работи, теоретски и практични. Нешто купив, нешто продадов, и јас и Запад бевме квит.

Други колумни од авторот:

Револуцијата во нашите умови

Дилемите на ВМРО-ДПМНЕ

Дилемите на СДСМ

Што сакам да кажам? Најголем дел од навивачите се многу млади, многу често малолетници. Реално недооформени личности, понесени од пубертет, страст, љубов и омраза. Лесни се за манипулирање, особено кога се во толпа. Им врие крвта. Отпосле, години поминаа, сфатив дека секако сме биле манипулирани, постојано озрачени од некои таму. Дали од некои од постарите воџи, или од некој друг, никогаш не дознав. Уште тогаш се зборуваше дека некои од нив добиваат пари за да прават политичка манипулација или дека се врзани со политичките партии. Во меѓувреме, слушнавме и дека некои од воџите биле воџи и во 2001-ва, прилично експонирани во паравоените формации. А знаеме, повеќето од нивните собраќа од Србија, Хрватска и Босна завршија како воени злосторници. А кога имаш воџа, од кој било вид, ти го слушаш, тој е твојот командант. Што ќе ти каже да пееш, тоа пееш. Ако треба да се тепаш, се тепаш. Ако не, јадеш ќотек. Кога десетина сексуално „невини“ единаесетгодишници пеат Секс со Битолчанки, што значи тоа? Смешка. Пубертетлии. Но не е смешка, бидејќи е токсично и го гледаат сите. Создава раздор, омраза, нетрпеливост.

Канализирање

Денес познавам неколкумина од некогашните воџи, некои лично некои само на здраво, „од извиџење“. Повеќето сѐ уште одат на натпревари и навиваат за Вардар (еден живот, една љубов!). Повеќето се супер момци, со семејства, со работа, со стабилни погледи за животот, веројатно и со дистанца кон дел од нивното навивачко минато. Сигурен сум дека повеќето од нив разбираат дека вака не оди работата со навивањето. И сигурен сум дека им недостасуваат романтичните денови од 1987 до некаде 1993 година. Гостувањата во Ниш, Белград, Винковци, Загреб, Никшиќ, Подгорица, Битола, Прилеп...

Навивањето е експлицитно поврзано со политиката. Смешни се повиците на „разумните“ граѓани да се одвои политиката од спортот. Тоа не е можно. Но навивањето може да се канализира за да не предизвикува раздор, гадење, омраза, страв. Кога зборуваше за помирувањето, повеќе интуитивно, без точно да знае што значи тоа, Зоран Заев спомна дека помирувањето мора да почне и од навивачките групи. И во СДСМ има Комити, и тоа „озбилни“ Комити, со стаж. И од Стара и од Нова гарда. Почитувани меѓу навивачите. Свикајте самит на навивачки групи т.е. воџите, и старите и новите. Сретнете ги, најадете ги и напијте ги, седнете ги да разговараат. Дајте им одговорност и задачи. Соочете ги и со ригорозноста на новиот законот за регулација на навивањето кој морате да го донесете. Регистирајте навивачки групи со одговорни лица. Направете го тоа како што треба и како што е регулирано во Европа. Можеби демократијата е бавен процес, во Европа се крчкала со векови, но регулирањето на навивањето не е. Европа го среди за час, пред само десетина години, со одлучни акции. Работа со навивачките групи, работа со спортистите, силни кампањи и јавни осуди за изблиците на нетолеранција, со силна и бескомпромисна легислатива. Строги закони не само за физичко насилство, туку особено за ширење на омраза врз база на верска, расна, етничка или хомофобна основа.

П.С. Вчерашната прослава на градскиот плоштад беше мешавина од рецидивите од минатото (Груевски) и од неспособноста на сегашноста (Заев). Едниот јасно знаеше како да манипулира и свесно да го подели народот, а другиот дури вчера разбра дека мирот е кревок, не се постигнува прекутрупа и дека работата околу поделбите е далеку од завршена.