1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

G8 Agrarminister Lebensmittelkrise

19 април 2009

Денеска (19.04.2009) и утре министрите за земјоделство од државите од Г8 во Италија одржуваат прв самит посветен исклучиво на аграрната политика. Дали составот не е погрешен за решавање на глобалната криза со храна?

https://p.dw.com/p/HZve
Африканското население е зависно од помош во хранаФотографија: AP

Кога се среќаваат Г8 за да дискутираат за борба против гладот во светот, тоа е парадокс. Зашто, Г8 ја сочинуваат САД, Канада, Русија, Јапонија, Велика Британија, Франција, Германија и Италија, сите земји чие земјоделство е во рацете на големи фирми и почива на државни субвенции. Кога се работи за донесување препораки за глобалната аграрна политика во пресрет на самитот на Г20, малку помага и тоа што се поканети и државите од Г5: Индија, Кина, Мексико, Бразил и Јужна Африка.

Уште пред почетокот на средбата во Тревизо, може да се претпостави како таа ќе се одвива и какви резултати ќе донесе. Зашто, предизвештајот содржи стари, веќе неважечки методи за совладување на кризата: до 2050 година светското производство на храна треба двојно да се зголеми. А оваа цел почива на производни и продажни стратегии кои досега се покажаа како исклучително профитабилни за земјите од Г8, но на ниеден гладен во светот не му донесоа храна.

Долгорочно ориентирано земјоделско производство

Со поттикот на производството кај сопственото земјоделство ќе бидат уништени малите производители, во светски рамки. Во државите од Г8 тие веќе станаа жртва на големите аграрни фабрики. Вишокот евтини производи така ќе биде извезен во земјите од третиот свет, каде нивното земјоделско производство ќе биде уништено со субвенционираните производи на богатите.

Оваа форма на земјоделство е токму она што не му треба на светот, беше констатирано во Светскиот извештај за аграрот пред една година. И Програмата на ОН за заштита на природата, УНЕП, пледира за такво земјоделско производство, кое ќе биде долгорочно конципирано и кое е единствен спас ако сакаме да го прехраниме растечкото население, а без да ја уништиме природата. Веќе денеска аграрните фабрики спаѓаат во најголемите потрошувачи на вода и еколошки грешници: една петтина од светската емисија на јаглеродендиоксид оди на контото на уништувањето на шумите заради освојување нови обработливи површини.

Weizenernte in Pakistan
Сиромашна жетва, ПакистанФотографија: AP

Долгорочно ориентираното земјоделско производство бара промена на структурата,

каде знаењето и семињата за жетва нема да бидат патентирани од мултинационалните концерни, туку ќе се произведува во согласност со природата, а не против неа, како во аграрните фабрики, субвенционирани од земјите од Г8. Тоа значи дека мора да се води сметка за еколошкиот биланс, ако се сака локално одгледуваните земјоделски производи да можат да се продаваат во глобални рамки. Долгорочно оринетираното земјоделско производство, кое води сметка да не се уништува почвата за краткорочни прифитни цели, значи и тоа да не завршат на ѓубре 30 до 40 проценти од светските приноси, што денес се случува.

04.2009 DW-TRANSTEL Highlight Food.jpg
Оризови полиња

Прашање на приоритети

Едноставно зголемено производство, како што предлагаат земјите од Г8 , нема да го искорени гладот. Прехранбени производи како објекти за шпекулација со намера да се врши максимирање на профитот не можат да бидат одговор на глобалната светска криза со храна. Организацијата на ОН за исхрана и земјоделство, ФАО; проценува дека би биле потребни околу 30 милијарди долари годишно за надминување на аграрната криза и за поддршка на долгорочно ориентираното земјоделско производство. За борба против финансиката криза веќе се одделуваат билиони милијарди, а ФАО и натаму напразно ќе моли за пари кои се нужни за да се победи гладот.



Коментар: Хеле Јепесен/ Превод: Жана Ацеска