Самит на ЕУ: Планот е да нема кавга

Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, има намера сите теми да бидат завршени во текот на денот и да нема ноќни седници. Еве кои се главните проблеми:

Војната во Сирија

Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд состојбата во Алепо ја оценија како „срцепарателна“. Но Еврoпејците на самитот се соочени со својата надворешнополитичка беспомошност. Во предлог заклучоците се вели - и притоа ништо се кажува - дека ќе се прават напори за примена на „сите опции кои стојат на располање“. Можеби кон ова ќе бидат додадени уште неколку посилни зборови, но шефовите на влади на ЕУ се беспомошни гледачи во сириската драма.

Пред самитот имаше барања за дебата околу евентуални натамошни санкции против Русија поради нејзиното учество во уништувањето на Алепо и можно учество во воени злосторства, но во заклучоците не се очекува спомнување на ништо слично.

Ужасот во Алепо не е завршен

Санкции против Русија

Германија и Франција, кои бдеат над придржувањето до Договорот од Минск, ќе поднесат извештај за состојбата во Украина. Нивната оценка за развојот на состојбата во источна Украина е главно негативна: прекинот на огнот и натаму се крши, нема напредок во смирувањето на регионот, опасноста од воена ескалација од руска страна постои и натаму. Кризата стана „замрзнат конфликт“, кој може да се разгори во секое време.

Оттука, санкциите против Русија би требало да бидат продолжени за половина година. Со оглед на тоа што на самитот веќе не присуствува Матео Ренци, ваквиот заклучок веројатно ќе биде усвоен без гласови против. Можно е да приговара Австрија, која исто така е повеќе пријателски настроена кон Русија, особено откако оваа земја ги торпедираше заедничките заклучоци за Турција.

Проруски бунтовници во источна Украина

Односот кон Турција

Официјално и натаму се вели дека договорот со Турција за бегалците функционира. Двете страни се држат до ветеното: Турците спречуваат илјадници бегалци да продолжат во насока на Европа, а Европејците - плаќаат. За поддршка на сириските бегалци досега се ветени 1,2 милијарди евра, од кои 700 милиони се веќе исплатени. ЕУ е подготвена да плаќа и натаму доколку Турција прими дополнителен број бегалци, како на пример - од Алепо.

Судирот околу идните односи со Турција не е на дневен ред. Ветените визни олеснувања се одложени за наредната година. Австрија пред два дена побара замрзнување или целосно запирање на преговорите на ЕУ со Турција за приклучување. Министрите за надворешни работи на Унијата во вторникот постигнаа согласност да не биде отворено ново поглавје во преговорите. Преговорите се фактички замрзнати, но формално сѐ уште има воздржаност и не се сака провокација на турскиот претседател Ердоган.

ЕУ засега не сака формално да го провоцира Ердоган

Брегзит

Британската премиерка Тереза Меј не е поканета на вечерата, затоа што таму без нејзе треба да се разговара за Брегзит. Станува збор пред сѐ за технички прашања: кој смее кога за што да преговара во ЕУ. Тука нема кавга.

Досега, 27-те држави на ЕУ и онака беа вчудовидувачки единствени околу Брегзит. Нема предпреговори и се чека на Британците да ги кажат своите желби. А, тоа ќе биде најрано во март. Членките на ЕУ имаат чувство како да имаат посилна преговарачка позиција, а таквиот впечаток се чини сѐ повеќе се шири и во Лондон.


Следете нѐ