1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Самоглас - од дневна соба до сите љубители на книгата

Ана Арсеновска-Зафирова
14 ноември 2020

Во домашни услови и со голем ентузијазам, тројца актери се одлучија на еден пионерски потфат - да им ја приближат литературата на своите сограѓани на еден поинаков начин. Ова е приказната за „Самоглас“:

https://p.dw.com/p/3lGXb

Ангела Стојановска, Васко Костовски и Христијан Поп-Симонов (Кико) се актери, колеги од класа на ФДУ се автори на првата платформа со аудио книги на македонски јазик „Самоглас“.

„Мислам дека приказната за „Самоглас“ тргна точно од мојата дневна соба. Дојдовме до идејата дека во Македонија нема доволно аудио книги. Сфативме дека ние можеме тоа да го правиме. Сфативме дека ги имаме сите техники ресурси и предзнаења да ја интерпретираме таа литература. И дополнително сфативме дека ќе и треба најсоодветниот начин како да и ја пласираме на јавноста. Веб платформа е најсоодветното нешто за почеток и така тргна целата приказна“, вели Ангела. 

Недостатокот на аудио литература ја креира листата на дела за кои тие сметаат дека треба да бидат интерпретирани, објаснува Кико.

„На почетокот, листата на наслови кои би сакале да ги обработуваме беше точно тоа, листа на наслови кои би сакале да ги обработуваме. Наши лични желби. И таа листа ја споредивме со листа на достапни дела, кои што не подлежат на авторски права, авторски права изминале по 70 години од смртта на авторот или од издавањето. И тоа беа првите достапни дела кои што ги обработувавме на „Самоглас“.  Понатаму како што растеше платформата се разви соработка со издавачки куќи, издавачки центри.“ А Ангела се надоврзува : „И гледаме да одбираме книги кои што ќе не натераат да уживаме“. 

Досега на платформата се регистрирани 5600 корисници.  Библиотеката има 40 наслови и секоја среда „беззвучните“ членови на тимот, Мартин и Петар, објавуваат нова книга :

„Конкретно во овие ситуации со пандемијата снимаме по дома со професионална опрема, како што можете да видите ова е дел од нашата опрема, дел е сопствена, дел е заедничка на „Самоглас“ и почнуваме да снимаме. На крајот на денот се сведува на домашни услови“, вели Васко. 

Hörbuch Symbolbild
Фотографија: AP/DW

Аудио книгите им помагаат на лицата со оштетен вид и со дислексијa... 

Но исто така ја подобрува концентрацијата и памтењето, и ја зголемуваат читачката навика, смета Кико: „ Ова сега со кое ние се занимаваме е дигиталната верзија на оралната раскажувачка традиција која што постои од век и веков со човековиот род. Тоа што порано било раскажување од човек на човек сега ние го правиме пред микрофон. Дејството е исто, му раскажуваш на некому, тоа е многу битно да биде во главата. Кога знаеш дека за некого го зборуваш ова самата интерпретација во глава станува поинаква. 
Во глава имаме еден разговор кој што го имавме со лице со оштетен вид, кое што ни имаше кажано нешто кое е контраинтуитивно кога станува збор за луѓе од наша сфера, дека не сака кога е пренагласено читањето, не сака да му биде наложено како треба да звучи делото, туку треба да биде со благо наговестување на атмосферата која што ја содржи делото, да, но не и прелична интерпретација“.  

Тимот на „Самоглас“ посакува аудио драми, подкасти и богата аудиотека со лектири и домашни автори наменета за учениците и иселениците. Во моментов работат на мобилна апликација која ќе ја промовираат во декември со четири аудио книги на македонски автори. 

„Ако сакате да слушнете како тоа го правиме, сé што треба да направите е да кликнете на www.samoglas.mk , да креирате профил, едноставно се пишува маил адресата, се става лозинка и веќе сте спремни да ги слушате книгите“, истакнува Васко,