1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самосоздадениот албански џихадист

10 февруари 2012

Пред речиси една година, на Франкфуртскиот аеродром, косовски Албанец изврши напад врз американски војници. Денеска (10.02) треба да биде соопштена пресудата против него.

https://p.dw.com/p/141FF
Арид Ука во судницата во ФранкфуртФотографија: picture-alliance/dpa

Честопати седи без да мрда, фиксиран со поглед на работ од масата. Речиси секогаш нема што да додаде на она што се зборува. На претставникот на обвинителството еднаш му паднало в очи дека покажал малку заинтересираност при сведочењето на еден новинар.

Станува збор за негов наводен престој во еден камп за обука на терористи. На прашањето во врска со тоа, молчаливиот Арид Ука реагира малку возбудено: „Речиси заспав!“, вели младиот човек со црна, наназад исчешлана коса. „Знам каде бев!“

Филмска сцена како каписла

Преку неговата адвокатка објаснува дека во летото 2010 година не бил во камп за џихадисти во Босна, туку делумно во Косово, каде што се грижел да ги добие неопходните документи за германско државјанство. Остатокот од времето, како што произлегува од истрагата, го минал главно во станот на неговите родители во Франкфурт, каде што играл насилнички игри на интернет и симнувал џихадистички пропаганден материјал.

Така било и во предвечерјето на атентатот, на втори март 2011 година. Тогаш гледал видео за наводно силување на една муслиманска жена од страна на американски војници во Авганистан. Сцената била од холивудски филм, употребена од страна на Исламистичкото движење на Узбекистан за пропагандни цели.

Наредниот ден Арид Ука, кој бил помошен работник на аеродромот во Франкфурт, покрај храната за на работа, во ранецот спакувал и еден пиштол, куршуми и два ножа. Кога го нашол првиот американски војник слушал џихадистички песни на својот МП3-плеер. Му прозборел за да биде сигурен дека е Американец. Дури кога сите 15 војници се качиле во автобусот во насока на американската воена база Рамштајн, се качил и атентаторот и почнал да пука. Убил двајца, тешко повредил двајца, а кај петтата жртва пиштолот му се заглавил. Непосредно потоа е уапсен.

Атентатор или божји воин?

Неговиот бранител по службена должност Јенс-Јерг Хофман делото го опишува како „атентат на еден незрел, депресивен, млад човек со трагично-смртни последици“. И адвокатката Михаела Рот смета дека Арид Ука не е терорист: „Тоа е дело кое и тој самиот не го сфаќа“, вели Рот за Дојче веле.

Deutschland Anschlag Frankfurt Flughafen 02. März 2011
Во нападот загинаа двајца американски војници, а двајца беа тешко повредениФотографија: picture-alliance/dpa

На првиот ден од судскиот процес, во август 2011 година, Арид Ука се дистанцираше од своето дело, но не испрати ни знак на жалење до роднините и преживеаните за она што го сторил. Обвинителот Јохен Вајнгартен бара највисока казна, а тоа според германскиот закон значи дека Ука и по 15 години минати во затвор нема да може да биде пуштен предвреме на слобода.

Антиамерикански косовски Албанец

Арид Ука е роден во Косово, каде САД уживаат големи симпатии и каде не само улици, туку и деца имаат имиња како Клинтон или Олбјрат. Кога веста за атентатот во Франкфурт стигна во албанските медиуми, братучедите на Ука во Митровица беа изненадени и го потврдија проамериканскиот став на своето семејство. Таткото на Арид Ука кој ,според медиумите, своите деца израснати во Германија ги воспитувал да бидат побожни, но не бил строг, веднаш им се извини на Американците. Меѓутоа, во меѓувреме неговите родители се повлекоа и одбиваат да даваат интервјуа и изјави пред судот. Иако бил воспитан како муслиман верник, се чини семејството немало значајно влијание врз неговата џихадистичка ориентација.

Deutschland Kosovo USA Soldaten Arid Uka Gericht Prozess Frankfurt
Обдраната тврди дека Ука е незрел, депресивен млад човекФотографија: dapd

„Нема знаци за радикализација на семејството, нема дури ни укажувања на какви било други врски“, вели Гидо Штајнберг од фондацијата Наука и политика во Берлин.

Арди Ука на Фејсбук имал профил под борбениот псевдоним (Чувар на божјата порта) и бил поврзан со најпознатите салафисти во Германија, но според истрагата, лично не познавал ниту еден од нив. Исто така и укажувањата за негов можен престој во камп за обука во Босна беа во најголем дел демантирани од страна на еден сведок на Германската криминалистичка служба.

Ваквото сознание е изненадувачко за експертите. „Најголемиот дел специјалисти поаѓаа од тоа дека е потребен некаков тренинг за да се биде успешно терористички активен“, вели експертот за тероризам Штајнберг.

Атентатот на Арид Ука е не само првиот терористичко-џихадистички напад во Германија, туку е и првиот успешен атентат на исламист, радикализиран само преку интернет.

Автор: Анила Шука / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски