1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само ВМРО-ДПМНЕ им верува на солзите на Груевски

13 февруари 2017

„Интервјуто на Груевски треба да овозможи враќање на ВМРО-ДПМНЕ во патриотскиот modus operandi и релативизирање на фактот дека во замена за укинување на СЈО, ВМРО-ДПМНЕ прифати скоро сѐ што другата страна побара“.

https://p.dw.com/p/2XRsO
Mazedonien Nikola Gruevski VMRO-DPMNE
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Бура од реакции предизвика саботното интервју на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на ТВ „Нова“. Во неговата партиска база интервјуто го оценуваат како „државничко“, а во атарот на сите што гласаа за промени - како „очајничко“. Аналитичари во неговиот настап препознаваат обид тој да облече нов патриотски шинел, откако претходниот му се искина во преговорите. 

„Интервјуто налидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, е повеќе во функција на контрола на штетата по преговорите со ДУИ, отколку што има каква било друга функција“, смета политологот Ненад Марковиќ.

„Преговорите со ДУИ покажаа дека ВМРО-ДПМНЕ има висок праг на толеранција за барањата од етничка природа на ДУИ, а информациите кои допреа до јавноста за тоа што се ВМРО прифати во процесот на преговори, беа дури малку и изненадувачки. Ова сериозно ја доведе во прашање патриотската аура на ВМРО-ДПМНЕ, па партијата лично преку лидерот мора да реагира во јавниот простор со цел ова да биде демантирано, или во најмала рака - релативизирано. Излегувањето на претседателот на партијата лично да објаснува како течеле преговорите и дека всушност ВМРО не прифатило многу точки, како да ја потврдува оваа теза. Ова треба да овозможи нормално враќање на ВМРО-ДПМНЕ во патриотскиот modus operandi и постепено релативизирање на фактот дека во замена за укинување на СЈО, ВМРО-ДПМНЕ прифати скоро се што другата страна побара“, оценува Марковиќ. 

Mazedonien Nikola Gruevski
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Минато свршено време

Најмногу реакции кај гласачите Албанци предизвика изјавата на Груевски дека оџи агитирале тие да гласаат за СДСМ. Жители на Арачиново пред камерите на ТВ 24 жестоко реагираа на ваквата изјава: „Груевски нема да го спаси ни оџа ни поп. Тој само сака да прави сплетки. Ние не сме мали деца, па некој да ни кажува за кого да гласаме (...) Немаме канализација, немаме водовод, за 2.500 деца во училиштата нема тоалети. Нема ни школи. Во лето немаме вода по шест месеци. А Груевски вели дека се е средено. Ништо не е средено. Гласавме за подобар живот“.

Реагираше и СДСМ, со став дека повеќе нема место за политичари кои заради лични профити ги злоупотребуваат културните и етничките разлики за да ги скараат граѓаните меѓусебно.

„Над 612.000 граѓани јасно избраа живот и правда, да живеат во едно општество за сите. Го поддржаа концептот на заедништво наспроти концептот на поделби, концептот на интеграција наспроти концептот на изолација. Политичките процеси повеќе не зависат од Никола Груевски и од криминалните структури што 10 години ја влечат Македонија кон дното. Тој нема идеја, нема визија, не може да одговори на потребите на граѓаните и на државата. На Македонија и е неопходна нова стабилна реформска влада“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Аналитичарот Арсим Зеколи смета дека Груевски од петни сили се напнува да им докаже на сопствените комити дека во него се' уште бие срце јуначко. Притоа констатира дека дамнешно минато се деновите кога најавата „Груевски пред нацијата“ предизвикувала потреси од домаќинки до амбасадори, во исчекување на судбински пресврти најавени од премиерот кој сега е сведен само на господин, а од чии манири и зборови блика носталгијата за изгубениот титулар и премиерштината како минато свршено време. 

Mazedonien Wahlen
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Со оглед дека во интервјуто не пренесе ништо што досега го нема кажано низ неговите мега-интервјуа и партиски спинови, неизбежен е заклучокот дека потребата за екранска исповед е доминантно мотивирана од потсетување на неговата паства дека тој се' уште е лидерот. И со тоа да ја прекине непријатната улога на човек во исчекување, кој мора да трпи што светлината на рефлекторите е вперена во други ликови и туѓи фермани (...) Ненавикнатоста на Груевски да биде ставен на милост на туѓи одлуки отсликана низ детинесто емоционални пориви за одмазда доколку не му дадат да се игра по негови правила, е сосема очекувана реакција на човек кој по толку години на апсолутистичка привилегираност во носење одлуки, одненадеж - интуитивно, се соочува со тежината на меѓузависноста во политиката како нов квалитет на политичката сцена кај нас“, констатира Зеколи.

Излез - нови избори?

Но Груевски за себе не мисли дека е „минато свршено време“. Тој изјави дека очекува да биде премиер, бидејќи за тоа ја има поддршката од партијата, тоа го најавиле и ветиле во кампањата, а избирачите гласале тој да биде идниот премиер. Изјави дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да оди во опозиција ако СДСМ ги прифати барањата од декларацијата на албанските партии, но ќе направи се за да ја спречи нејзината примена. Притоа потврди дека и натаму има контакти со лидерот на ДУИ и дека од партијата на Ахмети никогаш не му барале никакви писмени материјали (какви што им бараат на СДСМ), бидејќи нивните меѓусебни односи се засновале на доверба.

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, ја демантраше ваквата изјава на Груевски.

„Гаранцијата што се бара од СДСМ е истата што беше испорачана и до ВМРО-ДПМНЕ за време на преговорите: јасно да се детализира законот за албанскиот јазик и целата платформа да се смета заедничка платформа за евентуална владина програма“, рече Османи. 

Mala Recica Tetovo
Фотографија: DW

Во моментов на политичката сцена и натаму владее статус-кво. ДУИ очекува писмени гаранции од СДСМ за клучните теми на разговори, кај социјалдемократите течат консултации за тие прашања, а Груевски останува на ставот дека се неопходни нови избори. Во долгото размислување на ДУИ, која се правда со ставот дека „подобро е да се донесе квалитетна, отколку брза одлука“, аналитичарите препознаваат само алиби за ново позиционирање.   

„Ахмети е сосема свесен дека која било понуда од која било (внатрешна и надворшена) страна, во себе содржи доволно дупки и контрадикторности преку кои тој ќе може да се протне и понатаму како 'визионерски загрижен' за последиците од 'избрзани одлуки'“, смета Зеколи.

Според Марковиќ, излез од кризата во оваа ситуација, сепак, ќе мора да бидат нови избори.

„Сите потези кои партиите ги влечат како да одат повеќе во правец на некакво позиционирање за некои нови избори напролет, отколку за некакво сериозно формирање влада или правење собраниско мнозинство. Овде особено мислам на ДУИ. Тие очајнички се обидуваат да си ја подигнат цената, што може да им донесе одреден политички профит, но може и да ги дотолчи како партија. Ова одолговлекување, кое прво им го приредија на ВМРО-ДПМНЕ а сега го практикуваат и со СДСМ, е стратегија на инсистирање на една потполно празна флоскула како што е Платформата, со што навидум треба да се прикажат како заштитници на некакви права на етничките Албанци во Македонија, кои всушност ниту се загрозени ниту се проблематични. Ако албанскиот електорат ја прозре оваа стратегија, тогаш локалните избори ќе бидат конечниот жолт картон за ДУИ“, оценува Марковиќ.