1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само дома си е дома

Антоанела Димитриевска21 јули 2012

Дури 90 проценти од македонските гастарбајтери во Германија по пензионирањето одлучиле да се вратат на родните огништа кај фамилијата. Велат дека во Македонија им е најубаво, а живеачката поевтина.

https://p.dw.com/p/15cg1
Фотографија: AP Graphics

Согласно договорот меѓу Фондот за ПИОМ на Македонија и Фондот за пензиско осигурување на Германија, влезен во сила од 1 јануари 2005 година „најголем дел, дури 90% од македонските државјани кои како гастарбајтери работеле во Германија, со пензионирањето станале повратници во родната Македонија каде и ја примаат својата пензија“, потенцира за ДВ, Нигер Тоска од ПИОМ. Само мал дел - 10 % и по пензионирањето останале во Германија.

Животот во Македонија ни е многу поубав и поевтин

Еден од нив е 70-годишниот Симон Арсовски од Велес, родум од велешкото село Ореше. Тој веќе десет години е пензионер, повратник од Германија, а живее со семејството во новоизградена трикатна куќа во Велес. Вели дека му е најубаво дома со семејството, кое по долгите и осамени години во туѓина за него е најголемата среќа, а тоа и било и пресудно да се врати дома.

„Со пензијата можам убаво да живеам во Македонија, бидејќи тука се‘ е многу поевтино од Германија, а таму морам да плаќам плус и кирија, а и давачките за струја, вода и останато, се многу поголеми. Исто така му здодеа и постојано да патувам илјадници километри од Велес за Германија. Цело лето со сопругата Велика престојуваме во куќата во родното Ореше, а таму, високо во планината, е многу попријатно, посебно ноќе во овие претопли летни денови и ноќи“, појаснува задоволно Симон.

Simon Arsovski
Симон Арсовски во дворот на својата куќа во ВелесФотографија: DW

Се присетува дека во Германија заминал во мај 1969 година, преку Бирото за вработување, со двајца свои другари од селото. Таму се сместиле, вработиле и живеле во градот Аусбург, во покраината Баварија.

Simon Arsovski
Симон вели дека во Германија добро си поминал, но сепак се вратил кај семејствотоФотографија: DW

„Работев една од најтешките работи, фасадер гипсер, работата ми беше напорна, но морав да работам и заработам. Во Германија ние Македонците сме почитувани како вредни работници, јас убаво си поминав, а имам и многу добри пријатели - Германци. Но тоа што семејството ми беше во Македонија сепак беше одлучувачко по пензионирањето да се вратам дома, каде ми е најубаво, зошто сепак - дома си е дома“, заклучува Симон.

Еднаш годишно во Германија

Туран и Емка Јашарови од Велес се пензионери, повратници гастајбајтери од Германија. Веќе десет години живеат во голема и убава петкатна куќа што ја спечалиле со напорна работа во Германија. Куќата е во месноста Којник, високо над градот, од каде од балконот на петтиот кат се пружа прекрасна панорамска слика на Велес. Таму тие најчесто седат, пијат кафе и уживаат. Велат се вратиле во родниот Велес и Македонија и дека тука им е најубаво и само тука се среќни.

„Имаме многу пријатели и убаво ни е тука, а и животот тука е многу поевтин. Посебно што климата поволно делува на моето нарушено здравје“, потенцира Туран. Двајцата во Германија заминале во 1973 година и напорно работеле и по три работи само да спечалат. Во пензија заминале помлади, со 52 и 53 години, со инвалидска пензија. „Десет години сме пензионери и животот во Македонија ни е преубав, но еднаш годишно сепак одиме во Германија, зошто таму ни е синот со семејството, а таму се и моите двајца браќа и двете сестри со семејствата и мајка ми“, вели Туран. „Сега на одмор во Велес ни дојдоа синот, снаата и внуците и ние сме пресреќни што сме заедно. Тука во Македонија е топло и сончево, а во Германија од честите дождови не болеа коските. Со здравственото осигурување од Германија во Македонија добиваме секаков вид здравствени услуги и задоволни сме“, ни вели Емке.

Symbolbild Mazedonien Karte
Деведесет проценти од гастарбајтерите се враќаат во Македонија по пензионирањетоФотографија: Fotolia/Bastos

Вакви и слични приказни имаат уште многу македонски гастарбајтери кои мирните пензионерските денови ги поминуваат дома, во топлата и сончева Македонија. Велат дека имаат две татковини - Македонија во која се родени и Германија во која ја поминале младоста и зрелоста, која им овозможила работа и пристоен живот, а сега и пензија. Но сепак, како што велат, најубаво им е во Македонија, зошто само дома си е дома, покрај родното огниште, со семејството.