1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само пет германски концерни меѓу 100-те најдобри во светот

Ролф Венкел/ Симе Недевски18 јануари 2013

Меѓу 100-те концерни, кои имаат најголема вредност на берзите, се наоѓаат 5 германски компании. Тоа е сепак се’ уште мал број со оглед на фактот дека германската економија е четврта најразвиена во светот.

https://p.dw.com/p/17Lo0
Фотографија: picture-alliance/dpa

Големите германски концерни во меѓународна споредба се во подем - во најмала рака кога станува збор за вредностите на берзите. И додека во 2010 година само Сименс се ноѓаше на листата на 100 најголеми концерни во светот според берзанската вредност, сега, според проценките на весникот Ханделсблат, во тој клуб се наоѓаат веќе 5 германски концерни, освен Сименс тука се уште и: Фолксваген, САП, Бајер и БАСФ.

Јирген Матес, од Институтот за германска економија смета дека тоа не е случајно: „Сименс кога станува збор за инвеститорите и електротехничката бранша, БАСФ и Бајер во хемиската бранша и Фолксваген во автомобилската индустрија ја претставуваат веќе со децении наназад основата на германскиот успех во извозот“, вели Матес за ДВ. Тој додава дека овие компании во 90-тите имале големи потешкотии, дека морале да се преструктуираат и оти тоа очигледно го сториле навистина успешно.

Голем удел во извозот

Воочливо е следново: Германските концерни, кои сега се наоѓаат меѓу 100-те најуспешни светски концерни, во просек имаат удел во извозот во висина од 75 проценти. Тоа ги прави помалку подложни за конјунктурни промени, кажува Трудберт Меркел, раководителот за акциски прашања од банката ДЕКА. „Германскиот извоз минатата година достигна нов рекорд. Извозот на други континенти го компензираше нешто послабиот извоз во земјите од еврозоната- и токму тоа е таа глобална позиција на германските индустриски компании.“

Ориентацијата на извозот и глобалното позиционирање се меѓутоа само една од причините за подобрување на позицијата на германските концерни во меѓународна споредба. Во листата, која ја направи Ханделсблат, параметар не била вредноста на сопствениот капитал, ниту рентабилноста, туку исклучиво вредноста на берзата, значи бројот на акции, односно нивната вредност. А тоа може да се смени и за само 5 минути. Тоа го почувствуваа многу болно банките по избивањето на финансиската криза во 2008 година. Тоа исто така мораше го почувствува и Нокиа, некогаш најуспешниот евроски концерн кој сега има слична берзанска вредност како концернот Хенкел од Диселдорф.

Deutschland Wirtschaft Logo Siemens Helm
Фотографија: MICHELE TANTUSSI/AFP/Getty Images

Инвеститорите се враќаат

Германските акции сега се повторно барани откако подолго време странските инвеститори ги држеа на страна. „Овде немаше доволно инвестиции, тие не сакаа евро- инвестиции, но сега се враќаат“, кажува Меркел. Германските компании севкупно гледно се многу робустни ако се споредат со меѓународната конкуренција. Тоа не е краткотраен успех. Овие компании ќе напредуваат се’ повеќе.“
Во прилог на тоа зборува и фактот дека вредноста на германските акции и натаму е хронично лошо проценета ако се земе  предвид нивната вредност во однос на нивната добивка. „Акциите на БАСФ во најмала рака се подеднакво добри како и акциите на Дупон или Дау Кемикал,“, истакнува Меркел. „Воопшто не постои причина за еден таков голем застој во однос на американските хемиски компании. И тоа можеме практично да го примениме на целокупната вредност на акциите.“
Производителот на компјутери, Епл води во листата на 100 највредни компании на берзата. Меѓу првите 10 на скалата се наоѓаат 7 американски концерни. Фолксваген е најдобро пласиран германски концерн и се наоѓа на 58. место. Но ако се земе предвид дека Германија е четврта најразвиена економија во светот, тогаш бројот од 5 концерни пласирани меѓу 100-те во светот е навистина мал.
Јирген Матес смета дека тоа не е случајност, но исто така оти тој факт не е особено трагичен: „Фактор на успехот на германската економија претставуваат средните претпријатија. Меѓу нив има бројни компании кои се успешни на светскиот пазар.“ Матес вели дека токму овие компании се светски прваци и оти Германија не ја направија голема звучните имиња како Порше и Мерцедес.

Трудберт Меркел, раководителот за одделот за акции од ДЕКА банката, има уште едно објаснување зошто германските компании кога станува збор за вредностите на берзите, во споредба со успехот на комплетната германска економија, не се толку репрезентативни. „Културата на берзата во Германија не е посебно развиена. Само 7 проценти од германското население поседува акции, додека во САД таа бројка изнесува 25 до 30 проценти.“.

VW Volkswagen Logo
Фотографија: dapd