1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самрак на демократиите

Ноткер Оберхојзер | агенции
15 јануари 2022

Хјуман рајтс воч ги критикува демократските земји за соработка со автократските режими. Во својот годишен извештај за 2021 година, таа организација за човекови права ја има на тапет и Германија.

https://p.dw.com/p/45VBs
Огранизацијата за човекови права, Хјуман Рајтс Воч
Огранизацијата за човекови права, Хјуман Рајтс ВочФотографија: John MacDougall/AFP/Getty Images

Наместо да ги бранат демократските принципи, тие често ги поддржуваат автократските режими за да спречат миграции, да го сузбијат тероризмот или да создадат наводна стабилност во регионот, беше речено на претставувањето на годишниот извештај на организацијата Хјуман рајтс воч (ХРВ) во Женева.

Така, САД и натаму испорачуваат оружје во Египет и во Саудиска Арабија, иако американскиот претседател Џозеф Бајден вети дека ќе спроведе надворешна политика која ќе се базира на човековите права.

Да се укаже на недостатоците

Демократите во земјата мораат да сторат повеќе, а не само да укажуваат на недостатоците на автократските режими, вели директорот на ХРВ, Кенет Рот. Секој кој сака да поттикне демократија, би морал да се залага за независно судство, слободни медиуми и делотворно граѓанско општество - дури и ако тоа претставува предизвик за нивните реални политички предизвици.

Хјуман рајтс воч ја критикува Германија поради нејзиниот однос кон авганистанските цивили за време на катастрофалното повлекување на Бундесверот од земјата. „Германија упорно ја игнорираше неопходноста да ги евакуира од земјата борците за човекови права, новинарите и локлните сили пред повлекувањето на меѓународните трупи“, се наведува во годишниот извештај на оваа организација за човекови права.

Кенет Рот: Демократските земји треба да направат повеќе, а не само да укажуваат на недостатоците на автократските режими
Кенет Рот: Демократските земји треба да направат повеќе, а не само да укажуваат на недостатоците на автократските режимиФотографија: Johannes Eisele/AFP/Getty Images

„Демократијата останува атрактивна“

Делови од германската влада едни на други ја префрлаа одговорноста за погрешната проценка на ситуацијата и со тоа доведоа во опасност многу Авганистанци. Германија за време на летното повлекување на Бундесверот од Авганистан на цедило остави илјадници припадници на локалните сили и други луѓе, на кои им се закануваше опасност од талибанците. Некои од нив беа изведени од земјата на безбедно дури откако милитарните талибанци ја презедоа власта во Кабул.

Истовремено, минатата година во многу земји населението се спротивстави на авторитарните режими, вели Рот. Од Куба до Хонгконг луѓето излегоа на улица, иако тоа беше делумно опасно по живот, и бараа демократски права. „Тоа покажува дека демократијата и натаму останува атрактивна“, објаснува директорот на ХРВ.

„Ужасен“ биланс на човековите права

Шефот на ХРВ истовремено ги повика земјите на дипломатски бојкот на Олимписките игри во Пекинг. Тој предупредува дека Кина ја користи оваа спортска манифестација за да го прикрие својот „ужасен“ биланс на состојбата на човековите права. „Кинеската влада недвосмислено ги користи Игрите во Пекинг за да се испере од вина или да ја прикрие зад спортските достигнувања“, вели Рот.

Во својот извештај за 2021 година органицацијата документираше повреди на човековите права во над 100 земји. Авторите на извештајот, меѓу останатото, укажуваат и на прекршоци против бегалските права, нападите на медиуски работници и повреди на човековите права поради спроведување на мерките за сузбивање на пандемијата на коронавирусот.