Санација на Ербас - илјадници луѓе ќе останат без работа
28 февруари 2007Концернот ЕАДС, кон кого припаѓа европскиот производител на авиони Ербас, има намера да продаде 4 фабрики – по две во Германија и во Франција, а во другите ќе има отпуштања од работа. Во Хамбург се на удар 800 работни места. Според медиумски извештаи, со санациониот план 7900 луѓе ќе останат без работа, а синдикатите сметаат дека се можни дури и 10 илјади откази, односно би било укинато секое петто работно место во Ербас. “Сите синдикати се искажаа против продажбите и затворањето на фабрики, за кое евентуално се разговара” – вели Петер Шерер, генерален секретар на Федерацијата на синдикатите на европските металци.
Шефот на концернот ЕАДС Луј Галуа предупреди да не се крева паника, оти станувало збор само за тоа, да се најдат партнери за инвестиции во фабриките што треба да се отуѓат и поекономично да се произведува.
Ербасот мора поинаку да се постави, откако се најде во незавидна положба предизвикана од доцнењето со производството на најголемиот патнички авион во светот А 380. Синдикатите најавија отпор против плановите за санација, со образложувајќи дека грешки направиле менаџерите, а не работниците. “Решивме во наредните две до три недели да повикаме на европски акционен ден, на кој ќе земат учество сите членки на организацијата” – вели Петер Шерер.
А 380 треба и натаму да се гради во Германија и Франција, а новиот авион за средни патеки А 350 главно само во Франција. Моделот-наследник на сегашниот авион за кратки патеки А 320 треба да се произведува во Германија. Германскиот канцелар Ангела Меркел и францускиот претседател Жак Ширак на средбата во петокот се изјаснија за праведно решение и рамномерна поделба на товарот на санацијата на Ербас. Сојузниот министер за стопанство Михаел Глос го оцени концептот за санација како урамнотежен и фер за обете земји.