1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Санкт Паули – култен клуб со навивачка култура без преседан

6 август 2007

Пиратскиот симбол – мртовечки череп - за навивачите знак на спортската класна борба против фудбалскиот естаблишман. Приврзениците на Санкт Паули решително се ангажираат против расизмот и секоја форма на дискриминација.

https://p.dw.com/p/BRV7
Алтернативна публика, неповторлива навивачка култураФотографија: picture-alliance / dpa

Санкт Паули е како лифт – со години се движи меѓу првата и третата лига. Соодветно се менува и расположението кај навивачите – од радост до небо, до смртна потиштеност. Сега е повторно време за славење – по 4 години во Регионалната лига, Санкт Паули се избори за пласман во второлигашко друштво. Навивачите со трпение и страст го поддржуваа тимот, просечната посетеност во Регионалната лига беше поголема отколку кај многу второлигаши; последните месеци влезниците постојано беа распродадени.

Љубовта на публиката не може да се објасни со големи успеси и сјајни триумфи: Санкт Паули никогаш не беше првак на Германија, освојувач на купот или учесник во некој европски куп. Култен клуб стана во 80-тите години, кога го откри една нова генерација на навивачи од тој крај на Хамбург: запоседнувачи на куќи во Пристанишната улица, панкери, студенти – една шарена мешавина од лево-алтернативното милје го освои стадионот. Се вееја знамиња со насликани черепи. Пиратскиот симбол за навивачите стана знак на спортската класна борба против фудбалскиот естаблишман.

Алтернативната навивачка култура тогаш ја организира Свен Брукс, денес надлежен за безбедноста во стадионот. “Тогаш во клубот имаше само мали триаглести знаменца, шалови и комплет налепници – вообичаени здодевни работи. Со надоаѓањето на контра-културата луѓето сакаа да имаат и соодветни работи за облекување. Тогаш тоа го правевме во сопствена режија – отрчај во најблиската зафрлена печатница и прави некакви бизниси” – раскажува Брукс.

Идол на навивачите беше голманот Фолкер Ипих, кој своевремено работел и како хуманитарец во Никарагва, па дури едно време и живееше во Пристанишната улица. Но, улогата на револуционер била само клише, вели Ипих денес: “Во крајна линија, никогаш не бев екстремен. Се разбира, секогаш имаше приказни дека јас нешто можеби сум направил некако поинаку од вообичаеното. Тоа беа времиња во кои уште игравме во Обер-лигата. Се’ уште не работевме во професионални услови”.

Клубот е основан во 1910-та година. Бележит датум во клупската историја е 26-ти декември 1952-ра: од куп-средбата Санкт Паули – Хамброн 07 за прв пат е вршен пренос од фудбалски натпревар на германската телевизија. Тогаш само околу 4 илјади луѓе во Германија имаа телевизор. Патем, во стадионот ги имаше околу 4 ипол илјади, а гостите победија во продолжението со 4 спрема 3.

За првпат во првата лига Санкт Паули играше во сезоната 1975-76-та. Уследи серија испаѓања и повторни искачувања во Бундеслигата. Последното беше во мај 2001-ва – и пак за само една сезона. Потоа уследи пад до трета лига, клубот “за влакно” избегна стечај во 2003-та. Во акција без преседан, што ја иницира претседателот Корни Литман, навивачите го спасија својот клуб. Беа продаедни 140 илјади маички со натпис “Спасител”. Дури и кафеанчињата во “квартот на црвените фенери” помогнаа со кампањата “Пијанчење за Санкт Паули”.

“Не целата улица Репербан се пиеше за Санкт Паули. Мислам дека такво нешто немало во германскиот професионален фудбал. Добивавме нарачки од целиот свет, дури и од островите Фиџи. Еднаш дојде едно момченце со пет марки од својот џепарлак, а предаде и потресно писмо. Тие кои немаат ништо или имаат сосем малку, тие најмногу и ме трогнаа” – се сеќава претседателот на клубот Корни Литман.

Тоа беа емоционални денови за клубот, за тој дел од градот, и за навивачите, на кои клубот им е како татковина во мало. “Санкт Паули е некако повеќе од фудбал. Не знам, не е само играта, сите взаемно се држиме. Затоа и не испаѓаат, ние веќе се погрижуваме за тоа” – вели еден од навивачите.

Со Корни Литман како претседател е извршена корекција на имиџот: веќе е историја долго време негуваното непријателство спрема Баерн Минхен и неговиот менаџер Ули Хенес, черепот е интегриран во официјалните клупски сувенири. Но, навивачката култура и покрај тоа останува неповторлива – приврзениците и натаму решително се ангажираат во борбата против расизмот и секоја форма на дискриминација. На трибините секогаш има место за посебни настани, дури и за литературно читање, на пример на нобеловецот Гинтер Грас.

“Можеби затоа што сум по потекло половина од едно западно словенско племе, благонаклонет сум кон малцинствата, за Фрајбург, на пример. Кај Санкт Паули има споредбени напори и се надевам дека, покрај другото, и ова литературно читање ќе ги охрабри клубот и навивачите да се обидат повторно да се искачат во втората лига” – порача тогаш нобеловецот Гинтер Грас.

Петрик Зајбел