1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

220310 Regionalwahlen Frankreich

22 март 2010

Социјалистичката партија и нејзините сојузници се јасни победници во вториот круг регионални избори во Франција, со освоени околу 52 насто од гласовите. Блокот на десниот центар на Никола Саркози претрпе убедлив пораз.

https://p.dw.com/p/MZ1H
Претседателскиот глас не се брои двапати - Никола Саркози на вчерашните избориФотографија: AP

Признавање на поразот, смирување на ситуацијата, мало лечење на раните и потоа пак по старо. Се чини дека ова е мотото на францускиот премиер Франсоа Фијон, по огромниот пораз што неговата партија го доживеа на регионалните избори во Франција.

„Ова е големо разочарување за нас. Преземам дел од одговорноста и ќе разговараме со претеседателот. Меѓутоа, во толку голема земја како Франција не може да се донесуваат одлуки, само врз основа на резултатите од регионалните избори.“

Отпорот на регионите е награден

Regionalwahlen Frankreich - Aubry
Лидерката на социјалистите, Мартин Обри, може да биде задоволнаФотографија: AP

Ќе разговараме со претседателот. Изборите нема да имаат последици на национално ниво. Тука значи веднаш се појавува Никола Саркози, барем индиректно, по дебаклот што го доживеа неговата Конзервативна партија. Сопартијците на претседателот успејаа да освојат едвај 35 проценти од гласовите. Фактот што Сојузот за народно движење на Саркози ја задржа власта само во регионот Елзас и во прекуокеанскиот француски департман, островот Реунинон во Индискиот Океан - не е некоја голема утеха, бидејќи коалицијата од социјалистите, Зелените и комунистите, со освоени 54 проценти од гласовите, ја имаат власта во останатите француски региони. Поранешната кандидатка за претседател, Сеголен Ројал, во својот регион освои дури шеесет проценти од гласовите. Дали изборите имаат регионално или национално значење? И едното и другото, вели Ројал.

„Регионите ја одиграа својата улога на бастиони против неправедната владина политика. Нивниот отпор е награден.“

Исходот од гласовите го чувствува како засилување и шефицата на социјалистите, Мартин Обри, која со задоволство се претставува како „француската Ангела Меркел“. Таа вчера вечер изјави:

„Веднаш ќе се фатиме за работа во регионите каде победивме, за да ги исполниме нашите предизборни ветувања за нови работни места, за подобра иднина за младите. Нема да губиме ниту една минута, со оглед на предизвиците кои не` очекуваат.“

Тешко е претседателот да се промени

Regionalwahlen Frankreich - Jubel bei den Sozialisten
Опозицијата обединета против СаркозиФотографија: AP

Во секој случај, досега социјалистите не поднесоа некоја особено поразлична програма. Нив ги обединува единствено тоа што се опозиција на Саркози. Националниот фронт, пак, уште еднаш ја искористи лутината на повеќето Французи кон претседателот. Крајно десничарската партија, со освоени десет проценти од гласовите, е прилично активна, иако Саркози веќе одамна ја отпиша од живите. Тројца од четворица Французи очекуваат францускиот претседател сега да реагира. Да ја промени својата политика. Да се промени себеси. Но, ова е скоро невозможно, вели политичкиот набљудувач Роберт Намијас.

„Во прашање е ставен стилот на владеење на претседателот. Ритамот на реформите може да се промени, или, пак, некои проекти да се откажат. Но, некој од корен да се промени, како претседател на државата, тоа е многу потешко.“

Самиот Никола Саркози засега молчи. Единствено портпарол на Елисејската палата изјави дека претседателот ја разбрал пораката. Сепак, нема да има поголема реконструкција на владата, можеби само некои мали промени. И реформите продолжуваат.

Автор: Ангела Улрих / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска