1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сартр – 100 години од раѓањето

21 јуни 2005

Да беше жив, Жан Пол Сартр денеска ќе наполнеше округло 100 години. Но, и со 74-те колку што успеа да ги одживее, францускиот филозоф и писател одбележа цела една епоха.

https://p.dw.com/p/AexB
Жан Пол Сартр во неговата работна соба
Жан Пол Сартр во неговата работна собаФотографија: dpa

Немирниот и бунтовен дух се осмели да им се спротистави на граѓанските вредности, на заробениот дух на етаблираните граѓани, на владеачката политика во својата родна Франција и целиот Западен свет и се воздигна до идол на младите, кои веруваа во подобра иднина. Жан Пол Сартр не се воздржа среде Франција да ја поддржи ослободителната борба на Алжирците од француското колонијално ропство. Тој се најде меѓу клучните теоретичари на студентското движење во 68-та, кое за неколку месеци успеа да го измени ликот на цивилизираниот Запад. Сартр горливо протестираше против Виетнамската војна, се сретна со Фидел Кастро, Мао Цетунг и му се одушевуваше на непокорениот дух на Че Гевара.

Жан Пол Сартр бриљираше како ангажиран философ и писател. Тој беше уверенво просветителската улога на интелектуалците, кои на јавноста треба да и‘ го објаснат светот:

„Мислам дека интелектуалецот е во состојба релативно лесно да пишува книги. Но, не верувам дека поради тоа е поблиску до вистината од другите луѓе. Велам дека тој само има метода да ги набљудува работите од таков агол, што на неинтелектуалците не им е достапен.„

Под крај на животот очите му откажаа послушност, така што грижата ја презеде неговата животна сопатничка Симон Дебовоар, истакната феминистка и интелектуален лумен на епохата. На погребот на Жан Пол Сартр на 15 април 1980-та последна почит му одадоа 50.000 сограѓани.