1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Сведоците на нападот се сеќаваат на грозоморните сцени

НД/ дв
23 март 2017

Британските власти го истражуваат смртоносниот напад кој се случи вчера во близина на британскиот парламент. Репортерот на ДВ, Абигејл Фрајман Рауч разговараше со сведоците на настанот.

https://p.dw.com/p/2ZnOA
Westminster Bridge in London
Специјалната полиција реагираше брзо.Фотографија: Reuters/S.Wermuth

Сведоците на настанот говореа за моментите по нападот на мостот Вестминстер кој зад себе остави крвопролевање и неподвижни тела на улицата.

Млад човек, кој одби да го каже своето име, бил во автобусот кој се наближувал до мостот Вестминстер само неколку мигови по нападот. Возачот им кажал на патниците да го напуштат автобусот пред болницата Св. Томас.

„Се симнав од автобусот и видов како некој лежи на тротоарот, а околу него беа расфрлани туристички водичи“.

„Кога продолжив да одам, видов повеќе тела на земјата и луѓе кои се држеа едни со други. Видов околу 12 тела на земјата, на еден маж ногата му беше целосно искршена“, изјави тој.

Жена од Манчестер, која исто така побара да остане анонимна, била во Лондон со пријателите кога пред нив почнал да се одвива грозоморниот настан.

„Бев на мостот. Видов како возилото покоси многу луѓе. Видов некои луѓе кои неподвижно лежеа на земјата. Полицијата дојде многу брзо, исто така и амбулантното возило. Еден маж беше мртов“.

Видно потресена, таа изјави: „Никогаш веќе не сакам да видам нешто такво. Никогаш“.

Karte London Attentat Westminster Bridge Englisch
Фотографија: Google Maps

Терористичкиот инцидент „не е изненадување“

Полицијата брзо огради голем простор околу парламентот и ги затвори мостот и подземната станица Вестминстер. 

Велика Британија прогласи закана од тероризам уште во јули 2005 година, кога во три последователни самоубиствени бомбашки напади во подземната железница во Лондон животот го загубија 52 лица, а стотици беа повредени.

За Сем и Озмонд, две седумнаесетгодишни момчиња, ова е една причина зошто нападот не е изненадување. Но се прашуваат зошто напаѓачот одбрал толку добро заштитена област во градот.

„Ова е најбезбедното место каде што можеш да бидеш, насекаде има полиција“, вели Озмонд. „Доколку извршеа напад во метрото, би бил многу уплашен. Ова е многу глупаво место да се направи тоа“, смета Озмонд.

London Anschlag Westminster Brücke
Најмалку на десетина повредени прва помош им беше укажана на лице местоФотографија: Reuters/S.Wermuth

Измешани емоции

Околу 5 часот попладне, работници почнаа да се движат низ паркот Св. Џејмс, обидувајќи се да сфатат како да стигнат дома поради големиот број затворени станици во јавниот транспорт.

На јавните службеници им беше забрането да разговараат со медиумите, но една жена која работи во Министерството за надворешни работи, анонимно изјави дека таа не знаела за што станува збор и дека звукот на хеликоптери се слуша често во близина на Вестминстер.

„Имав многу работа. Потоа добив многу пораки од моите деца кои ме прашуваа дали сум добро. Дури кога видов еден твит сфатив дека нешто се случува. Моравме да останеме во зградата, но бевме доста уплашени“.

Кејлеб, студент од Ексетер кој бил во еднодневна посета на Лондон, изјави дека како фотограф, веднаш дошол на местото на настанот да види дали може да направи добри фотографии. Неговата пријателка Изи беше многу повеќе потресена. „Страшно е, никогаш не знаеш кога ќе се случи“.

Дали Изи би го посетила парламентот доколку отвори утре? „Не!“, одговори категорично.

„Тоа е животот. Не можеш да не одиш на некои места“, смета Морин, турист од Америка. Таа им испратила пораки на своите пријатели и семејство да ги извести дека е на безбедно, но инцидентот нема да ги наруши нејзините планови.

До крајот на денот, додека сонцето заоѓаше зад дрвјата во паркот Св. Џејмс, само полициските кордони и бучните хеликоптери сведочеа за хоророт кој се случи тој ден. Во средата навечер, првата грижа на многумина беше како да се дојде дома – и тогаш, да се гледаат вести за подобро да разберат што всушност се случи тој ден.