1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Свежи пари за Грција, но без услови?!

Јанис Пападимитриу / Александра Трајковска28 август 2013

И покрај реформите за штедење на Грција ќе и’ биде потребна финансиска помош и по 2014 година, проценуваат експертите. Но, и нови пари нема да решат еден стар проблем.

https://p.dw.com/p/19Y13
Фотографија: AFP/Getty Images

Грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас проценува дека неговата земја ќе има дополнителна потреба од вкупно десет милијарди евра. Притоа не би требало да стане збор за нов пакет помош, туку за „економска помош“, појасни неодамна Стурнарас за атинскиот неделник „Прото тема“. Со други зборови: натамошни финансиски инјекции не би требале да бидат врзани за нови услови за штедење - вака имено звучи желбата на властите во Атина.

Економскиот публицист Макис Андронопулос смета дека Грција нема да може да избегне нова финансиска помош: „Бројките се јасни и покажуваат дека во грчкиот буџет ќе се отвори финансиска дупка меѓу пет и десет милијарди евра, во зависност од тоа како ќе се развива конјунктурата“, вели Андронопулос за ДВ. Доколку Грција и во 2014 остане во длабока рецесија, тогаш можеби нема да бидат доволни ниту десет милијарди евра, стравува финансискиот експерт.

Griechenland Hilfe Jannis Stournaras und Christos Staikouras PK in Athen
Грчкиот министер за финансии (десно) проценува дека на Грција ќе и’ требаат 10 милијарди евраФотографија: Reuters

Во меѓувреме во Грција и натаму се спори за причините и последиците од политиката на реформи. Додека едните укажуваат на тоа дека добрите реформски проекти пропаѓаат поради политички притисоци и недостиг на волја за модернизација на лице место, другите веруваат дека мерките за штедење на меѓународните доверители ја однесоа земјата во ѓаволов круг на долгови, штедења и рецесија - и притоа должничкиот проблем не е решен.

Вакво гледиште споделува и Макис Андронопулос, кој има големи симпатии за економската стратегија на САД ориентирана кон пораст, но воопшто нема разбирање за консеквентна политика на консолидација со германски печат.

„Кажете ми, кои реформи му служат на економскиот пораст во оваа земја, јас имено не гледам ниедни“, вели атинскиот економист во разговор за ДВ. Да се продаде профитабилниот државен монопол за игрите на среќа ОПАП, тоа во секој случај не е вистинска реформа. Претстојната рунда штедење за грчките пензиски фондови, не навестува ништо добро. „На луѓето им се потребни перспективи, тоа мора да се сфати во Берлин“, опоменува економистот, кој во моментов работи на книга за сликата за Германија во Грција.

Добри и лоши вести

Во нивниот последен извештај Тројката нотираше напредок при консолидација на грчките државни финансии. Постигнувањето на примарен суфицит во буџетот за 2014 година се смета за важен предуслов за натамошна финансиска помош. Грција имала добри шанси да ја постигне оваа цел сметаат експертите.

Од друга страна меѓународната Тројка (ЕУ, ЕЦБ, ММФ) критикува дека се направени многубројни пропусти, на пример при намалување на бројот на службеници во јавната администрација, како и кај приватизацијата за која постои согласност уште од 2010 година, која до денес се одвива споро. Само годинава во државната каса требаше да се влеат 2,6 милијарди евра од продажбата на државниот имот, меѓутоа во меѓувреме грчката влада ги корегираше прогнозите и до крајот на 2013 година се очекуваат вкупно 1,6 милијарди евра.

Griechenland Generalstreik 16.07.2013
Грците во Атина протестираат против програмите за штедењеФотографија: Reuters

Претседателот на трговскиот сојуз на регионот Атика (пошироката околина на Атина, н.з.) Димитрис Арменакис на ситуацијата не гледа само песимистички.

„Времињата не беа поволни за приватизација, бидејќи многу државни претпријатија поради рецесијата загубија голем дел од нивната вредност“, појаснува тој и дополнува: „Меѓутоа сепак продажбата на мопополот за игри на среќа веќе е завршна. Тоа е добар почеток, нардниот период претсојат други приватизации“.

„Неопходно е ново бришење на долговите“

Дека Грција ќе добие нова финансиска помош без барања за штедење, во тоа Арменакис не верува. Со нови покачувања на даноците меѓутоа нема ништо да се направи, предупредува претседателот на Трговскиот сојуз од Атика. Даночната сила на граѓаните е исцрпена, не може постојано да се воведуваат нови даноци и давачки, се жали атинскиот трговец. Сега станува збор за тоа жртвите праведно да се поделат и јавниот сектор значително да ги намали трошоците. „Конечно тоа мораме да го сториме, за да преживееме економски“, смета Арменакис.

Schuldenschnitt Griechenland Symbolbild
Андронополус смета дека е неопходно ново бришење на долговите на ГрцијаФотографија: picture-alliance/dpa

При сите реформи и прераспределби актуелната полтика на штедење едноставно не е погодна да ја извлече Грција од кризата, смета економистот Макис Андронополус. За него бришење на долговите на сметка на јавните доверители би бил единствениот излез. Тоа што во северноевропските земји постои отпор против тоа, не му е непознато на атинскиот економски експерт. Сепак тој не гледа друга реална алтернатива. „Луѓето во северна Европа треба ра разберат дека нема никавка смисла една европска земја да се сака да се претвори во развојна земја“, предупредува Андронополус. И покрај строгата политика на штедење грчките долгови нараснаа на преку 320 милијарди евра, вели финансискиот експерт. Оваа сума земјата не би можела да ја врати нуту за 60 години.