1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

201210 Neuanfang Religionen

24 декември 2010

Божик во христијанската вера се поврзува со светлината. Ваквиот мотив со победата на светлината над темнината може да се најде и во другите религии и традиции.

https://p.dw.com/p/zoqv
Фотографија: AP

Големиот празник на светлината во хиндуизмот, наречен Дивали, е поврзан со 15-тиот ден на месецот „картик“, кој според нашето сметање на времето се паѓа кон крајот на октомври и почетокот на ноември. Тогаш верниците ширум Индија палат огнови како сигнал за почеток на големиот празник што се слави пет дена, посочува профeсор Катарина Валднер од Факултетот за компаративна веронаука во градот Ерфурт: „Се случуваат паралелно повеќе славја за разни боженства, но под заедничко име. Она што ги поврзува е симболиката на светлината. Насекаде се палат светилки, има и огномет, а се прават и многу колачи.“

Дивали е празник на празниците за припадниците на хинду традицијата. Тогаш тие си спомнуваат на покојните, си даваат подароци и слават на големо. На северот на Индија тој дури го означува и почетокот на Новата календарска година.

Schwimmkerzen
Фотографија: Fotolia/Bernd S.

Слична симболика

Не е случајно што хиндуистичките ритуали се потпираат на слични симболи како и христијанството или еврејската традиција:

„За да функционираат и да имаат голема сила и уверливост, тие мораат да бидат релативно едноставни и да се потпираат по можност на сетилни дразби. Затоа се појавува палењето светилки. Еврејскиот сабат на пример почнува со палење на посебни лампи. Исто така се користат симболи како ритуално миење, облекување нови алишта, сето тоа треба да симболизира телесна обнова и нов почеток“, појаснува професор Катарина Валднер.

И во кинеската традиција се појавува симболот на светлината. Како најголем празник се смета кинеската Нова година, која се паѓа меѓу јануари и февруари по нашето сметање на времето. Официјално и во Кина важи западниот Грегоријански календар, но на полето на традицијата и празнувањето, сепак најголем е оној за кинеската Нова година. Тој е и државен празник и не се работи цели три дена, во некои региони и до 15 дена.

Слично е и за еврејската Нова година, која пак се паѓа во перидот меѓу 6 септември и 5 октомври:

„Таа потсетува на Аврам, кој го жртвувал син му Исак. Во исто време се моли за простување на гревовите. И овде се јадат слатки за новата година да тргне слатко!“

Kerzenschein und fröhliches Beisammensein an Chanukka
Еврејски свеќник за празникот Ханука (Нова година)Фотографија: picture-alliance/ dpa

Историски поместувања

И христијанската црквена година почнува со подготвките за раѓањето на Спасителот. При тоа мора да се каже дека датумот на Исусовото раѓање бил определен многу подоцна. Вистинскиот датум на раѓање на Исус, според достапниот историски материјал, лежи меѓу четири и седум години порано од она што ние го славиме. А новото броење на времето, пред и во нашата ера се пробило како главно меѓу разните системи дури во 10 и 11 век.

И датумот на Исусовото раѓање, 25 декември, е спорен. Единственото што е сигурно, тоа е дека за прв пат постои историски запис за неговото славење од декември 336 година. Тогаш имено во Рим за прв пат се славел овој празник. Експертите не ја исклучуваат можноста празникот на новата религија, која го освоила Римското царство, да е фактички замена за еден стар римски празник. Според римскиот календар имено на 25 декември се славело божеството Сол, односно божеството на Сонцето. Можно е новиот празник едноставно да го зазел местото на стариот, славејќи го фактички зимскиот солстициј, моментот кога денот почнува повторно да расте, а ноќта да се скусува.

Автор: Хилде Вег/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска