1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Светот гледа кон Берлин“

15 август 2009

Германскиот главен град до 23 август е домаќин на 12. Светско атлетско првенство. Ќе се натпреваруваат повеќе од 2000 спортисти од околу 200 земји од светот.

https://p.dw.com/p/JBkL
Маскотата за СП во атлетикаФотографија: picture-alliance/ dpa

Берлин започна да ја испишува новата страница во светската атлетска историја. На Олимискиот стадион се огласи стартниот пиштол означувајќи го почетокот на натпреварувачкиот дел на 12. Светско атлетско првенство, што ќе трае до 23 август. Со рекордни 202 земји учеснички, со досега незабележената бројност од 2098 атлетски имиња, меѓу нив безмалку сите оние што се во врвот на овој спорт. Дури 33-ца светски шампиони влегуваат во одбраната на титулите, што ги осовија пред две години во Осака. Германија е домаќин на светските ѕвезди по вторпат во мунидијалската историја. Стадионот Готлиб - Дајмлер во Штутгарт и по 16 години се памети како еден од најуспешните полигони на големиот планeтарен настан.

Leichtathletik WM - Welcome Night Flash-Galerie
Величествено отворање на СП во БерлинФотографија: dpa

Спринтерскиот двобој Болт - Геј на 100 метри, веројатно и на 200 веќе добива контури на историско наттрчување. Се рекламира дури и на огромните билборди поставени на најфрекфентните делови во Берлин. Дали еден од нив ќе му се доближи на легендарното спортско остварување на Џеси Овенс од пред 73 години, кога во Берлин победи на 100 метри и во скок во далечина. Но, деветте берлински атлетски денови ќе понудат уште дузина други наттрчувања, натскокнувања, натфрлувања. Ќе му се реваншира ли Џереми Воринер на 400 метри на сонародникот Лешон Мерид за поразот во Пекинг? Реалност ли се новите победнички амбиции на Бенард Лагат? Моќен ли е се’уште Кенениса Бекеле за нови освојувања на пет и на десет километри? Ќе ги плени ли одново срцата Елена Исимбајева? А кој може да ги сопре Кенијците? Пред Германија, покрај организациониот момент испречен е и резултатскиот. Домаќинот ќе брани две светски титули од Осака и уште две сребра и три бронзи. Дали се се’ уште моќни Франка Дич и Бети Хајдер? Ќе го издржи ли Аријане Фридрих притисокот наметнат од јавноста во трката со височините и големата ривалка Хрватката Бланка Блашиќ? Колку медали ќе бидат исковани пред домашниот аудиториум?

Македонија во Берлин ќе биде претставена од спринтерката Ивана Рожман, без какво и да е оптоварување и резултатско очекување од квалификационата трка на 100 метри.

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска