1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светот е корумпиран и тоа како!

26 октомври 2010

Корупцијата во светот и натаму е застапена во големи размери. Организацијата за борба против корупцијата „Транспаренси интернешeнал“ денеска (26.10) го претстави извештајот за состојбата со корупцијата во 178 земји.

https://p.dw.com/p/PoEd

Ситуацијата и натаму е мрачна, велат од „Транспаренси интернешенал“ на презентацијата на најновата ранг-листата на индексот на корупцијата за 2010 година. Најголемиот број земји добија лоши оценки при проверката на работата на јавната администрација. Ова е знак за итно решавање на глобалните проблеми, како климатските промени и борбата против сиромаштијата во земјите во развој, изјави претседателот на „Транспаренси интернешенал“, Еда Милер:

„Кога ќе седнеме на маса на следниот Самит за климатските промени во Канкун, наша порака ќе биде: ’заангажирајте се за подобра ефикасност на вашите влади исто како што се залагате за отворање нови фондови и договарате финансиски инјекции.“

Индексот за перцепција на корупцијата од „Транспаренси интернешенал“ се изработува врз основа на истражувањето спроведено меѓу бизнисмени и експерти од реномирани организации како: Светскиот економски форум, Светска банка, Фондацијата „Бертелсман“ или „Фридом хаус“ од Вашингтон. Најголем углед се` уште уживаат скандинавските земји, како и Сингапур и Нов Зеланд. За земји со најголема корупција годинава важат Ирак, Авганистан, Мјанмар и Сомалија, а ситуацијата е подобрена во Бутан, Чиле, Еквадор, Хаити, Јамајка, Катар, Кувајт и Македонија.

САД на најниска позиција досега, Германија непроменета

Edda Müller Pressekonferenz
Еда Милер, претседател на „Транспаренси интернешенал“Фотографија: picture-alliance/dpa

На овогодишната ранг-листа пад бележат: Грција, Италија, и САД, кои се наоѓаат на 22 место. Експертите ја критикуваат одлуката на американскиот Уставен суд со која на претпријатијата им се дозволува неограничено да финансираат политички партии. Од „Транспаренси интернешенал“ сметаат дека со ваквиот чекор САД оставаат впечаток во јавноста дека државата со пари може да купи каква било одлука. Германија, пак, и натаму останува на 15 место, што за Еда Милер е просечно во европски рамки:

„Фактот што Германија на меѓународно ниво зазема средна позиција се должи и на тоа што земјата ја нема ратификувано Конвенцијата против корупција на Обединетите нации. Владата и Бундестагот се` уште не изнашле заедничко решение за поефективно формулирање на Членот 108 од Кривичниот законик со кого се регулира корупцијата кај пратениците.“

Од Организацијата порачуваат дека во Германија се потребни построги мерки за спонзорството на политичките партии, кое подолго време подлежи на остри критики во јавноста. Од друга страна, позитивно се оценува зголемувањето на бројот на истражни постапки против корупцијата во јавниот сектор, што според „Транспаренси интернешенал“ е знак за подобрување на општата состојба во администрацијата.

Автор: Бернд Греслер / Далибор Стајиќ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема