1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светот на стриповите на Марјане Сатрапи

22 октомври 2011

Стрипот „ Персеполис” во кој иранската авторка Марјане Сатрапи го осликува своето детство во јавноста стигна веќе пред единаесет години. Таа сега во Германија го претставува својот нов филм „Кокошка со сливи”.

https://p.dw.com/p/12wGe
Стрипот „Персеполис" ја прослави иранската авторка Маријане Сатрапи

Станува збор за мелодрама со елементи од стрип за еден многу дамнешен Иран. Филмот се одвива во 1950 година во Техеран, во време кога приходите од нафтата отидоа во рацете на државата. Во тоа време се формираше движење, кое беше задушено од страна на Американците и Британците. За Иран тогаш се урна надежта за спроведување на демократија, вели Сатрапи. Во нејзиниот актуелен филм станува збор за еден виолинист, кој се крши поради невозвратената љубов. А, пак, неговата сакана, не случајно се вика „Иране“. Таа за Сатрапи ја отелотворува сопствената загуба за татковината, која ја напуштила кон средината на 90-те години.

Здраво, јас сум Марјане.Таа со насмевка се поздравува со гостинот. И покрај тоа што ова претпладне таа треба да даде доста интервјуа сепак не изгледа дека е под стрес:

„Го сакам животот и се будам со широка насмевка на лицето. Потребно е доста време и труд додека некој успее да ме направи несреќна“, вели таа.

И цигарата во рака секако, како што вели, и´ го поправа расположението.

„Мислам дека чадот конзервира. Знаете дека и месото се чади за да се конзервира. Мислам дека немам брчки поради пушењето“, додава со насмевка Сатрапи.

Оваа Иранка веќе со години ужива углед на позната светска личност, а во Хамбург пристигна за да го претстави својот нов филм: „Кокошка со сливи”, чие што дејствие се одвива во 50-тите години во Техеран. „Фасцинирана сум од тој период”, признава Сатрапи.

Далеку од родната земја

NO FLASH Iran Schriftstellerin Marjane Satrapi
Марјане Сатрапи - автор на стрипови и режисеркаФотографија: AP

Додека еден дел на филмот го проблематизира неуспехот на демократијата, другиот дел на филмот раскажува приказна за неостварена љубов помеѓу еден виолинист и девојката по име Иране. Преку мотивот на неостварена љубов, Сатрапи ја опишува својата болка од разделбата со родната земја. Таа имено веќе со години живее во странство, прво во Австрија, а од 1994 година во Франција, каде што живее и денес:

„Се чувствувам како растение кое растело на матичната грутка, но потоа го искорнале и го ставиле во вазна. Колку и да го негуваат, тоа нема никогаш да се чувствува како на домашна почва”, вели Марјане Сатрапи и додава.

„Кога мислам на Техеран тогаш ми доаѓаат пред очи планините високи по 5.000 до 6.000 метри и нивните врвови покриени со снег, загадената околина, карактеристичните звуци и храната. На мојот желудник му требаа три години да се навикне на француската кујна”, вели Сатрапи.

Слобода во егзил

Flash-Galerie Filmszene Persepolis
По стрипот „Персеполис" беше снимен и истоимен филмФотографија: picture-alliance/ dpa

Цртачката на стрипови, режисерка и сценаристка ја прослави во 2000-та година стрипот „Персеполис.” Кога беше снимен истоимениот филм беше барана како никогаш дотогаш. Иако има француско државјанство не се чувствува како припадник на француското општество:

„Живеам како под стаклено ѕвоно. Никогаш не чувстував припадност кон ниедно општество. Овде сум каде што сум и околу мене се моите пријатели. Тоа е мојот живот”, раскажува авторката.

Но, на луѓето кои и понатаму живеат во Иран, во земјата во која, како што вели, не се добредојдени луѓето кои мислат со својата глава, сепак длабоко се воодушевува:

„Морам да бидам слободна. Ако ја немам слободата, тогаш се гушам, станувам гневна и агресивна”, вели таа.

Иран и демократијата

Marjane Satrapi bei der Premiere von Persepolis in New York
Отсуството на слобода раѓа агресивност, вели СатрапиФотографија: AP

На враќање во татковината не помислува, бидејќи не знае дали ќе може да се врати во Европа, раскажува Сатрапи која ги следи настаните во земјата и смета дека Иран наспроти се´ е сепак во подобра стопанска положба од некои други земји, иако, како што вели „демократијата ќе завладее дури откако ќе завладее и рамноправноста меѓу мажите и жените и кога жените ќе станат самостојни и независни.” Марјане Сатрапи сепак е уверена дека еден ден ќе се врати во Иран. Ако не порано, тогаш кога ќе треба да ја закопаат во иранската земја.

Автор: Катрин Ердман / Светлана Брик

Редактор: Симе Недевски