1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светот потфрли во помошта за Хаити

16 јули 2010

„Лекари без граници“ критикуваат за потфрлување во хуманитарните напори на меѓународната заедница во Хаити. Организацијата упати критика и за барањата за соработка меѓу хуманитарците и странските војници во Авганистан.

https://p.dw.com/p/ONIp
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Германската секција на хуманитарната организација „Лекари без граници“ се спротистави на какво било мешање на хуманитарниот и воениот мандат во Авганистан. За да може да помогнат, хуманитарните организации би морале да бидат прифатени како неутрални и независни, изјави претседателот на управниот одбор на организацијата Танкред Штебе во Берлин. Според него веќе и самата дискусија за такво нешто ги доведува во опасност не само соработниците на „Лекари без граници“ туку и пациентите.

Екстремно комплицирана ситуација во Авганистан

Haiti Sechs Monate nach dem Erdbeben
Фотографија: picture alliance/dpa

Критиката на Штебе се однесуваше на изјавите на Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен и на германскиот министер за развој Дирк Нибел, кои се изјаснија за соработка меѓу двете страни. Според наводите на Штебе, безбедносната состојба во Авганистан е екстремно комплицирана, и токму затоа треба да се одбегне секаков впечаток за соработка меѓу воениот и хуманитарниот мандат. Германската секција на „Лекари без граници“ остро ја критикуваше меѓународната заедница дека потфрлила во хуманитарниот ангажман на Хаити.

Огромен јаз меѓу ветувањата и дадената помош

Шест месеци по катастрофалниот земјотрес, многу жители на карипската држава и натаму живеат во привремени живеалишта пред се’ шатори и се изложени на лошото време и на болести. Јазот меѓу ветувањата за помош од страна на меѓународната заедница во првите недели по земјотресот и реалноста шест месеци подоцна е огромен, порача раководителот на берлинската секција на организацијата Франк Дернер.

На 12 јануари годинава, во силниот земјотрес што го погоди Хаити, загинаа 250 илјади луѓе, а околу 300 илјади беа повредени. Повеќе од еденипол милион луѓе останаа без покрив над главата.

Автор: СН/ АТ/ дпа

Редактор: Александра Трајковска