1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светот троши стотици милијарди долари за оружје

Матијас фон Хајн
5 декември 2016

Податоците на СИПРИ покажуваат дека продажбата на оружје и воена опрема во светот, во 2015 година изнесувала 370 милијарди американски долари.

https://p.dw.com/p/2Tk2i
Symbolbild Waffenexporte Deutschland Panzer
Фотографија: Ralph Orlowski/Getty Images

Најновите податоци на Меѓународниот институт за мировни истражувања од Стокхолм (СИПРИ) покажуваат дека 100-те најголеми компании за производство на оружје и воена опрема во светот, во 2015 година продале оружје и воени услуги во вредност од 370 милијарди американски долари. Оваа бројка, колку и да звучи непоимливо за „обичните смртници“, всушност значи намалување на продажбата за оружје од 0,6%.

ДВ: Дали светот, иако со мали чекори, се движи во помирна насока?

Oд Флoран: Тоа не би бил правилен заклучок, бидејќи продажбата на 100-те најголеми компании за производство на оружје и воена опрема во 2015 година била за 37% повисока од продажбата забележана во 2002 година. Тоа е значителен пораст, иако продажбата на оружје на овие компании во последните пет, шест години е опадната. Најголем обем на продажба е забележан во 2010 година, по што следува слаб пад во наредните години. Можна е промена на трендот поради опаѓачките бројки од почетокот на 2010 година.

Според вас, кои се најважните трендови врз основа на новите бројки?

Најголеми намалувања се забележани во компаниите од САД, без разлика дали станува збор за апсолутни бројки или како дел од листата на 100-те најголеми производители или нивните продажби. Продажбата на американските компании за оружје опадна за 2,9%. Тоа е воедно и причината поради трендот на опаѓање на вкупната продажба на 100-те најголеми компании, затоа што 39 компании од САД сочинуваат 56% од прометот на тие 100 компании. Така се одржува вкупниот резултат.

Во 2015 година, европските претпријатија особено добро се развија, пред сѐ француските. Во Велика Британија трендот на опаѓање на продажбата од претходните години сега се сврте во друга насока. И германските компании за производство на оружје бележат раст. Тоа до некаде го изедначува опаѓањето на продажбата на американските компании. Некои земји кои се во забрзан индустриски развој исто така бележат значителен раст, особено Јужна Кореја. Таму продажбата на оружје минатата година пораснала за повеќе од 30%.

Dr Aude Fleurant
Од ФлоранФотографија: SIPRI

Кои се движечките сили позади зголемувањето на продажбата кај јужнокорејските производители на оружје?

Перцепцијата за актуелната ситуација на загрозеност во Јужна Кореја е основен мотив за толку голем и сеопфатен план за вооружување, чија цел е да се стабилизира воената индустријата која во 1970-те години беше подигната со американска и европска помош. Јужна Кореја засилено настојува своето оружје да го продава во сопствената земја. Другата причина е тоа што Јужна Кореја во последните години забележува успех и на меѓународниот пазар на оружје.

Да се задржиме на источна Азија: Кина со децении масивно ја вооружува својата војска. Но, во новиот извештај на СИПРИ, Кина речиси и не се споменува. Зошто?

Веќе неколку години многу прецизно ја набљудувавме Кина. Нашиот главен проблем таму е недостатокот на транспарентност кога е во прашање претставувањето на статистиката на големите кинески конгломерати за оружје. Тие конгломерати произведуваат воени и цивилни производи. Но, кога се во прашање бројките, не се прави разлика помеѓу двете области. Така, не знаеме на кого продаваат и не ја знаеме ниту цената на нивните производи при продажбата во сопствената држава. Методолошките проблеми се исто така високи, до тој степен да тие бројки се неспоредливи со други податоци доколку би ги вклучиле во извештајот. Меѓутоа, претпоставуваме дека повеќе кинески производители би се нашле на листата на 100-те најголеми производители, веројатно и меѓу најголемите 25.

Frankreich Luftfahrtmesse in Le Bourget
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Medina

Гледајќи ги податоците на СИПРИ, воочливо е дека четири петтини од продажбата на оружје на најголемите 100 производители отпаѓа само на САД и западна Европа. Како тоа би можело да се поврзе со сопствената перцепција на Западот како „мировна сила“?

САД и земјите од западна Европа имаат голема и сеопфатна воена индустрија. Во САД таа индустрија е наследство од Втората светска војна. За време на Студената војна и потоа, таа индустрија се развиваше поради високите воени трошоци.

И западна Европа, по Втората светска војна, повторно се вооружуваше, особено по основањето на НАТО. За време на Студената војна, Франција, Велика Британија, Италија, Шпанија и Германија изградија фабрики за производство на воена опрема и оружје со цел да бидат независни во нивното набавување. Тој став се задржа и по завршувањето на Студената војна.

Голем број земји се заинтересирани да одржат способност за производство на оружје во сите сектори или барем во повеќето. Меѓутоа, за земјите од западна Европа тоа станува сѐ потешко, бидејќи е многу скапо да се одржува воената индустрија на долг рок. Поради тоа, Европејците извезуваат оружје за да го одржат своето производство.

Во таа игра доаѓа конфликтноста со самоперцепцијата за „мировна сила“. Постојано се наоѓаат причини за извоз, иако продажбата е во земји кои се вклучени во конфликти или кои имаат бедни биланси кога се во прашање човековите права. На пример Франција. Оваа земја продажбата на воени авиони во Египет ја образложи како дел од борбата против тероризмот во тој регион. Секогаш се наоѓа некоја причина за која се претпоставува дека не е некомпатибилна со концептот на „мировна сила“.Тоа најчесто се објаснува вака: гарантирање на безбедноста, гарантирање на сигурноста, одговор на одредена опасност.

Од Флоран е директорка на програмата за воени трошоци и трошоци за наоружување при институтот СИПРИ во Стокхолм. Со неа разговараше Матијас фон Хајн.