1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светот ќе биде побезбеден

15 април 2010

Прв важен чекор-самитот за нуклеарна безбедност во Вашингтон заврши со декларација во која државите се обврзаа во следните четири години да ги обезбедат нуклеарните материјали за да не се најдат во рацете на терористи.

https://p.dw.com/p/Mvxf

Стравувањето дека необезбедениот нуклеарен материјал може да падне во погрешни раце е сосем оправдан. Во светот има вкупно 1.500 тони високооблагороден ураниум, што може да се употреби за производство на оружје, како и 600 тони плитониум - материјал доволен за создавање илјадници атомски бомби. Доколку дојде во рацете на терористите, тој може да предизвика несогледливи штети.

Дали со самитот е остранета опасноста? Само со декларацијата не е обезбеден од злоупотреба ниту грам радиоактивен материјал, но тоа што темата собра 47 држави, кои размислуват за неа и разменија искуства, претставува веќе само по себе големо постигнување. Зашто, која беше алтернативата? Да не се прави ниту обид, со оглед на безизгледноста да се склучи обврзувачки меѓународен договор?

Доказ за прагматичноста на Обама

Барак Обама уште еднаш се покажа како прагматичар, кој се ориентира кон возможното. Американскиот претседател затоа беше награден од учесниците. Украина, Канада и Мексико сакаат да се откажат од користењето високооблагороден ураниум. Русите, заедно со Американците, потврдија дека ќе го уништат непотребниот плутониум преку претворање во енергија. Кога Американците и Русите некој самит за нуклеарна безбедност ќе го означат за успешен, а притоа дури и Кинезите се согласуваат со завршниот документ без услови, тогаш навистина се работи за успех.

Успех на многу деликатно поле

Добро е што на самитот не беа правени обиди за создавање нови инструменти, туку се инсистираше на зајакнување на постојните организации како Меѓународната агенција за атомска енергија и Договорот за неширење атомско оружје. Потребата од акција тука е недвојбена. Индија, Пакистан и Израел поседуваат, јавно или не, нуклеарно оружје, а го немаат потпишано Договорот за негово ограничување, исто како и Северна Кореја. Иран има ставено потпис на документот, но според проценките на Меѓународната заедница сепак работи на создавање атомска бомба.

Christina Bergmann
Кристина Бергман

Сегашниот самит беше подготовка за Конференцијата за неширење атомско оружје што ќе се одржи во мај и веројатно нема да биде толку хармонична. Тоа што Русите и Американците сакаат да им помогнат на другите земји да го обезбедат нуклеарниот материјал, е мерка која води кон градење доверба. Ако набрзо бидат развиени обврзни стандарди за ракување со радиоактивен материјал, тоа ќе значи крај на еден голем пропуст од минатото.

Оној кој критикува дека договорот е постигнат на доброволна база, а не постои ниту инстанца што ќе го надгледува придржувањето кон него, може да биде упатен на Спогодбата за неширење нуклеарно оружје, иако ни тоа не носи многу. Но, понекогаш зборот на еден шеф на држава вреди многу повеќе отколку било кој договор. Особено, ако станува збор за реална опасност, како во случајов, од која е можна само заедничка заштита.

Коментар: Кристина Бергман

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска