Светот ѝ посака добредојде на 2019-та
1 јануари 2019За дочекот на Нова Година секој Германец се снабдува добро со пиротехнички материјали за огномет. За ракети, петарди и друга пиротехника секоја година се трошат милиони евра. Сепак, најголемиот огномет се одржува во Берлин, пред Бранденбуршката капија. И дочекот на оваа 2019-та не беше поинаков. На просторот од околу два километри од Брандебуршката капија до Столбот на победата стотици илјади луѓе го поздравија доаѓањето на Новата година со желби за среќа, здравје, мир во светот, исполнување на личните цели и желби. И покрај огромниот број луѓе, сѐ мина мирно, можеби и заради тоа што беше забрането носење алкохол на просторот каде што се одржуваше забавата на отворено.
Новата година на други места во светот дојде многу порано отколку во Германија. Први ја поздравија жителите на некои пацифички острови, и тоа уште во 11 часот вчера по средноевропско време. Нешто подоцна среќна нова си посакаа жителите на Нов Зеланд и Австралија. Во Сиднеј во 14 часот по средноевропско време 2019 година беше поздравена со гигантски огномет, за кој беа потрошени 8,5 тони пиротенички материјал.
Спектакуларен беше и огнометот во Лондон, за кој беа употребени 8 тони пиротехника. Поради претстојниот Брегзит, градоначалникот на Лондон, Садик Кан, спектаклот им го посвети на сите ЕУ-граѓани кои живеат во главниот град на Велика Британија.
Во Рим пиротехниката беше официјално збаранета, но сепак во центарот се слушаа петарди и ракети на сите страни.
Расположението во Москва годинава беше малку повоздржано, поради несреќата со експлозијата на гас во зграда во Магнитогорск, во која, според претпоставките, може да има десетици мртви.
Последни Новата година ќе ја дочекаат жителите на островот Тутулија, кој припаѓа на островската група Американска Самоа. Таму 2019 година доаѓа денеска напладне по средноевропско време.