1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светска банка: Олабавување во еврозоната, но ризиците остануваат

ЖА/дв/дпа/ртре/миа16 јануари 2013

Светската банка смета дека дека турбуленциите на финансиските пазари и во еврозоната се надминати. Но, изгледите за економски развој и натаму не се розови.

https://p.dw.com/p/17Kim
Фотографија: Fotolia/fox17

Довербата на пазарите во Европа во втората половина од минатата година „драматично се подобри“, зашто државите и Европската централна банка ги направија вистинските чекори за поддршка на заедничката валута, констатира Светската банка во најновиот извештај за прогнозите за развојот на стопанството. Но, се‘ уште е прерано за вистинско опуштање. Економски заслабените држави од еврозоната и натаму се во опасност да бидат отсечени од пазарите на капитал доколку попуштат во спроведувањето на реформите.

Бавното заздравување на развиените земји пак, е пречка за глобалната економија, констатира Светската банка, намалувајќи ги своите прогнози за економскиот развој на светот во текот на оваа година. Според прогнозите на Светската банка, глобалниот брутодомашен производ ќе се зголеми на 2,4 отсто во текот на 2013 година, што е речиси на нивото од минатата година, кога беше 2,3 отсто. Во јуни минатата година Светската банка прогнозираше зголемување на глобалниот бруто домашен производ за три отсто во текот на оваа година.

USA Wirtschaft Washington DC Zentrale der Weltbank Gebäude Logo
Фотографија: ullstein bild - Fotoagentur imo

Банката ја намали својата прогноза и за земјите во развој. Очекуваното зголемување на брутодомашниот производ на оваа група земји беше намалено од 5,9 на 5,3 отсто. Според Светската банка, извесното забрзување на економскиот развој на земјите во развој може да се очекува во 2014 и 2015 година. Во 2013 година зголемувањето на брутодомашниот производ во развиените земји се очекува да биде едвај 1,3 отсто заради големите кастрења на трошоците, високото ниво на невработеност и слабата потрошувачка. Во 2014 и 2015 година Светската банка очекува зголемувањето на брутодомашниот производ во развиените земји да биде 2,3 отсто. Политичката несигурност во САД (заради континуираниот спор за плафонот на федералниот долг) го забавува растот, истакнува Светската банка во својот извештај. „Ако политичарите во САД не постигнат договор, довербата во доларот ќе ослабне, а генералното засилување на пазарната напнатост ќе го намали како растот во САД, така и глобално, истакнува Светската банка во своите прогнози.