1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светска банка предупредува од глобална криза

Симе Недевски/дпа/дв13 јуни 2012

Европа поради должничката криза станува непресметлив ризик за светската економија, стои во најновата прогноза на Светска банка. На земјите во подем им се препорачуваат мерки против кризата.

https://p.dw.com/p/15D3s
Фотографија: picture-alliance/dpa

Европската должничка криза е оптоварување за вкупната светска економија. Вакво јасно предупредување упатува Светска банка во нејзината најнова прогноза за развојот на светската економија. Најновите загуби на курсевите на берзите и растечките камати за државните обврзници покажуваат колку чувствителни и нервозни се финансиските пазари на секаде, се вели во извештајот објавен во Вашингтон. Целосно е јасно: ни богатите земји, ниту државите во економски подем нема да бидат поштедени „доколку ситуацијата во Европа значително се влоши“.

Дури ниту глобална криза од размери како последната меѓу 2007-ма и 2009-та не е незамислива, вели економскиот експерт на Светска банка Ханс Тимер. Тој за германската новинска агенција ДПА истакна: „Веруваме дека веројатноста не е голема, но истовремено не можеме ниту да ја исклучиме можноста“. На почетокот на годинава се’ уште изгледаше како ситуацијата во Европа да се смирува. „Ние во јануари не говоревме за излегување на Грција од еврозоната, а сега тоа е една од можностите. Тоа покажува колку е кревка ситуацијата“, вели Тимер.

Griechenland Symbolbild Aufkleber Richtung
Кризата се продлабочува, а потрврда е размислувањето за исклучување на Грција од еврозонатаФотографија: dapd

Според него кошмарно сценарио би било ако две од најголемите евро-држави поради своите проблеми навистина би биле исклучени од кредитните пазари. Во моментов Светска банка не прогнозира дека ситуацијата во таа мерка ќе излезе од контрола. Затоа предвидувањата од претходниот извештај само за нијанса се корегирани надолу. Имено, Светска банка за тековнава година очекува глобалниот економски раст да изнесува 2,5 а во наредната 3 проценти.

Слабее економијата на еврозоната

Во еврозоната, според прогнозите на банката, економијата ќе забележи пад од 0,3 насто, а во 2013-та благ раст од 0,7 проценти. За споредба: пред една година се говореше за плус од 1,8 насто во еврозоната во 2012-та година. Локомотиви на глобалниот економски раст остануваат земјите во економски подем и во развој, како Кина и Индија, смета Светска банка. За овие држави годинава во просек се очекува раст од 5,3, а за следната 5,9 проценти. И овие две стапки благо се корегирани надолу во споредба со претходната прогноза на банката. Тоа што стопанскиот развој во брзорастечките економии малку се „оладува“ не е нешто што треба да предизвикува загриженост, туку е нормална корекција, смета Тимер.

Eurokrise Spanien Symbolbild
Светска банка ги повикува земјите од еврозоната итно да ги намалат своите краткорочни долговиФотографија: picture-alliance/dpa

Меѓутоа, Светска банка ги повикува овие земји да преземат мерки за соочување со можна глобална криза. „Тие мораат да ги намалат краткорочните долгови, да ги намалат буџетските дефицити и да се вратат кон понеутрална валутна политика“, бара главниот автор на извештајот на банката Ендру Барнс. Така тие би имале доволно простор за дејствување во случај светската економија навистина да западне во криза.