1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светскиот данок „Робин Худ“ се’ поизвесен

4 октомври 2011

Таканаречениот данок на трансакции долго време важеше за неостварлива идеја на левичарите, кои сакаат да го подобрат светот. Во меѓувреме и самите шефови на држави и влади и ЕУ се за тоа.

https://p.dw.com/p/12jnv
Се’ поизвесно е воведувањето на данокот на трансакции, за кој политичарите десет години се смееја, а сега го поддржуваатФотографија: picture alliance/dpa

Данок на трансакции - тоа навистина не е убав израз. Приврзаниците на оваа идеја затоа зборуваат со поголемо задоволство за „данок против сиромаштија“ или за „данок Робин Худ“.

Тоа звучи почовечки и помалку технички. Повеќе од десет години критичарите на глобализацијата се борат за воведување на таков данок. Меѓу нив е и Петер Вал од невладината организација „Светска економија, екологија и развој“ (ВЕЕД).

Банкарите и политичарите десет години му се смееја. Нивниот аргумент беше дека оданочувањето на купопродажбата на хартии од вредност, акции и обврзници е чиста утопија. Ако се воведе тој данок во Германија, но не и во САД, тие работи повеќе би се развивале во Њујорк, но веќе не и во Франкфурт. Накратко, ако сите не воведат данок на трансакции, тогаш тој им штети само на тие што го вовеле.

NO FLASH Symbolbild Europäische Länder in der Schuldenkrise
Ако данокот се воведе во целиот свет, тогаш годишно ќе се собираат од 100 до 150 милијарди евраФотографија: picture alliance/dpa

Сепак, се‘ повеќе ги има оние што се ЗА данок. Германската канцеларка, во меѓувреме, е за данок, исто како и претседателот на Франција, Никола Саркози, а Европската комисија со задоволство би вовела данок во сите 27 држави на Унијата. Петер Вал ги наведува причините за промена на мислењето.

„Прво, воочено е дека речиси е невозможно решавањето на меѓународните проблеми, ако секогаш се чека на најбавниот и последен блокатор. Второ, финансиската криза сега потврди во пракса многу наши аргументи од порано, кои се однесуваат на опасноста од шпекулации и неопходноста од постриктно регулирање на финансискиот пазар“, нагласува Вал.

Што со парите?

Стапката на оданочување е ниска – од 0,01 до 0,1 отсто. Погодени ќе бидат банките, осигурителните и останатите финансиски куќи. И покрај ниските стапки, приходите би биле огромни. Организацијата „Светска економија, екологија и развој“ пресметува од 100 до 150 милијарди евра годишно, ако данокот се воведе ширум светот. Ако важи само во ЕУ, тогаш Европската комисија очекува да собере приход и до 50 милијарди евра.

Сметката е финансиската индустрија конечно да учествува во трошоците од финансиската и должничка криза. Но, постојат различни мислења околу тоа - што да се прави со парите?

„Името на нашата компанија е ’Данок против сиромаштија’. Затоа предлагаме поделба на приходите на три дела - третина за сузбивање на сиромаштијата кај нас во земјата, третина за глобално финансирање на екологијата и третина за глобално финансирање на развојот“, објаснува Вал.

Европската комисија има поинакви планови. Таа сака приходите од данокот да се слеат во буџетот на ЕУ. Наспроти тоа, германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле сака сам да одлучува што ќе се прави со парите. Освен тоа, германското буџетско право забранува приходите од данок да се врзуваат со закон за одредени цели. Значи, можно е од концептот „Данок против сиромаштија“ да не остане многу, а покрај тоа има многу дупки во буџетот што мора да бидат затворени.

Superteaser NO FLASH bettende Hände
Една третина од собраните пари треба да оди за сузбивање на сиромаштијатаФотографија: BilderBox

Финансии надвор од реалното стопанство

Покрај дополнителните приходи, на приврзаниците на данокот важно им е и стабилизирањето на пазарот, така што краткорочните шпекулации би станале непривлечни. Штефан Шулмајстер работи на Институтот за економско истражување во Виена. Економистот со години ги набљудува трговците на големите финансиски локации и функционирањето на трговијата преку компјутер. Неговиот заклучок е дека финансиските пазари одамна се одвоија од реалната економија.

„Во моментов, на финансиските пазари се одвива 70 пати повеќе од она што се случува во реалното производство. Тоа е поврзано со компјутерите и информатичките технологии, кои овозможија движењето на цените на сите светски берзи да се пренесе во дел од секундата ширум светот“, вели Шулмајстер.

Тоа овозможи краткорочно, автоматизирано интегрирање, кое нема врска со реалното производство, нагласува Шулмајстер.

Автор: Андреас Бекер / Александар Методијев

Редактор: Симе Недевски