1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светски собир на младите во Келн: интервју на неделата со Кардиналот Леман

17 август 2005

Претседателот на Бискупската конференција на Германија, Кардиналот Карл Леман ја повика Католичката црква на зголемен ангажман во пасторалната работа со младите. Светските денови на католичката младина во Келн мора да се искористат за нови импулси и тоа со трајна вредност – порача Леман во интервјуто за Дојчландфунк. Интервјуто го водеше Хартмут Криге.

https://p.dw.com/p/AcDJ
Кардиналот Карл Леман
Кардиналот Карл ЛеманФотографија: AP

Прашање 1:

Историјата на Католичката црква во Германија годинава ја одбележуваат два големи настана. Првиот е изборот на германскиот кардинал Јозеф Рацингер за нов Папа, а вториот одржувањето на Светските денови на католичката младина во Келн. Меѓу нив минаа само четири месеци. Какви промени ја очекуваат Католичката црква во Германија и воопшто во светот поради овие случувања?

Леман 1:

Прво тука е секако грижата за обезбедување континуитет. На кардиналите во Рим им падна многу тешко да изберат доследен наследник за починатиот Папа Јован Павле Втори, пред се‘ поради неговата огромна каризматичност. Многумина веруваа оти тоа ќе може да го направи Кардиналот Рацингер и клучното прашање што сега се поставува, тоа е: Можно ли е да се продолжи делото на Јован Павле Втори без при тоа некој да се обидува да ја имитира неговата каризма? Јас лично бев сведок кога тој два пати при полна и будна свест го потврди одржувањето на Светските денови на католичката младина во Келн, при што даде на знаење и дека не верува оти тој лично ќе може да дојде овде. Неговиот лик и покрај личното отсуство сепак ќе одигра огромна улога на овој собир. Сегашниот Папа со сигурност ќе постави и сопствени акценти на Собирот и ќе видиме каква мешавина ќе произлезе од сето тоа. Околу тоа сум и јас многу љубопитен. Но, некои големи промени во моментов не можам да согледам.

Прашање 2:

Дали одлуката на кардиналите беше со желба да се продолжи каризматиската линија на Јован Павле Втори или пак повеќе линијата на неговото учење?

Леман 2:

На секој од кардиналите му беше многу јасно оти Јован Павле Втори не може да се имитира и дека би било и погрешно да се бара некое ново издание на истата личност. Ние само се прашувавме дали има некого, кој со својот личен углед може барем донекаде да го зачува високиот углед на Папската функција, што таа го стекна со Јован Павле.

Што се однесува пак до учењето, претходниот и сегашниот Папа тесно соработуваа по сите теолошки прашања во последните 23 години и дури мора да се каже оти Јован Павле Втори се потпираше врз мнението на Јозеф Рацингер по сите такви прашања. Нив ги поврзува навистина многу длабоко духовно сродство. И во тој поглед на Црквата и е обезбеден потполн континуитет.

Нешто друго е разбирањето на одделни принципи кога е во прашање сексуалната етика или прашања за дисциплината во бракот, односите во брачната заедница исл. Тука може да има различни очекувања и околу тоа во моментов не можам многу да кажам.

Прашање 3:

Да се вратиме на Собирот на младите во Келн. Тој почна на 15. август, што е датум со голема историска тежина. Имено, на Успението на Света Марија е почнато и градењето на Келнската катедрала и тоа во далечната 1248 година. Овде е секако обезбеден јасен историски континуитет.

Но, за разлика од масовната, народна црква од времето на средниот век, денес таа станува се‘ повеќе црква што живее од еден голем настан до друг. Црквеното секојдневие меѓу нив не е сјајно, таа станува се‘ повеќе Црква на старци, недостасува свештенички кадар, има и финансиски проблеми. Како гледате на овој контраст?

Леман 3:

Тоа се различни елементи, што мора да се третираат диференцирано. Живееме во ера на медиумите, во ситуација каде одделни големи настани имаат огромна важност. Јас порано со скепса гледав на настојувањата ваквите ивенти поинтензивно да се вклучат во нашата дејност и тоа затоа што ги сметав за помодарски, некако површни, без подлабоко и потрајно влијание. Но, во меѓувреме конкретните искуства ме натераа да го сменам мислењето и сега сметам оти одделни јубилеи треба да се исползуваат за во фокусот на јавното мнение да се доведат теми, што инаку не би наишле на голем интерес. Сето секако под два клучни услови:

Прво, мора да се прашаме како да издејствуваме трајност на позитивните ефекти што произлегуваат од ваков еден настан, а при тоа да не се обидуваме да го конзервираме, оти тоа не оди. Значи, одделни сознанија од големите собири треба да бидат преземени во пастораланата работа со младите. Од бројните искуства исто така сфатив дека и не може многу што да се задржи по ваквите големи средби, тоа се такви специфини моменти, неповторливи доживувања. Но, затоа инсистирам на нешто друго и тоа е според мене вториот предулов, имено поголемо внимание во нашата работа да им посветиме на секојдневните дејности, на оние кои не го привлекуваат вниманието на медиумите. Тоа се неброените разговори на свештениците со верниците околу нивните проблеми, конфликти и предизвици.

Од големите средби исто така може да се научи многу. Јас држев катехизи на Светските денови на католичката младина во Париз, Рим и Торонто и при тоа бев многу фасциниран од тоа што со тие млади луѓе може да се водат неверојатно длабоки и непосредни разговори и тоа за најегзистенцијални прашања. Тие се отворени и директни, што нам како свештеници на пример ни недостасува. Освен тоа ние Германците особено имаме проблеми со тоа, бидејќи порадо се повлекуваме и ја немаме таа непосредност кога се во прашање духовните прашања. Затоа сметам дека сите можеме многу да научиме од овие средби и сето тоа да го примениме во пасторалната работа со младите.

Прашање 4:

Деновиве ги прочитав резултатите од една анкета спроведена од германската новинска агенција ДПА, во која се тврди дека во Германија не може да се забележи тренд на приближување на населнието кон религијата. Напротив, половината од испитаните ја отфрла посилната ориентација кон религизоните вредности. Секако дека овие резултати од анкетите можат и различно да се толкуваат, но не ли е можно скептичарите сепак да се во право кога тврдат оти Светскиот собир на католичката младина нема ништо да измени во Германија кога е во прашање религиозноста?

Леман 4:

Да, и анкетите се секако отсликување на моменталното расположение. Затоа и нив човек мора да ги релативира. Но, јас знам оти има и анкети, кои ако ништо повеќе тогаш барем поставуваат дополнителни прашања на генералниот тренд на свртување од религиозноста кон секуларните вредности. Тука се на пример реакциите на германската јавност при големите катастрофи, како што беа атентатите врз САД на 11. септември 2001. , или пак големиот бран солидарност со погодените од цунами катастрофата во Југоисточна Азија на крајот од 2004-та година.

Тука се гледа повторно и т.н. ивент тренд, бидејќи сочувството и интересот за религиозните прашања нагло се зголемија, но само за неколку дена или најмногу недели. Јас сепак тој интерес би го толкувал како доказ за тоа дека овие прашања се присутни кај луѓето, само што се затрупани со грижите од секојдневието. Тоа е огромна задача да се расчистат натрупаните слоеви, за - како некој вид археолози - да се пробиеме во длабочините на човечката душа. Сметам дека на ова поле погрешивме што во нашата општествена структура овие прашња од огромна важност и‘ ги препуштивме на приватната сфера, на секоја единка лично. На тоа сега можеме само уште да му се спротиставиме така што сето она што го правиме во нашето религиозно секојдневие ќе го правиме уште поангажирано. Тоа се однесува на секоја проповед, на секоја богослужба, така што ако некој и залута во нашите храмови, сепак да може да каже дека нешто добил при тоа.

Јас се прашувам дали воопшто е можно да се постигне некаков пресврт во свеста, во јавното мнение, што се однесува до важноста на религијата и верата. Ако воопшто дојде до некаква промена, тоа според мене сепак нема да биде поврзано со масата граѓани, туку повеќе ќе станува збор за малцинства, за одделни групи. Но, судбината на нашата Црква ионака никогаш не зависела од масите, односно од бројот на верници. Обновата и реформите секогаш доаѓале од помал број луѓе. И јас сум прилично уверен оти тоа не мора да го доведе под знак прашање нашиот карактер на народна, масовна црква. За многумина и сега, како и во минатото Црквата е нешто што се посетува неколку пати во животот, во одредени пригоди, за крштевка, за венчавка или за погреб. Впрочем големите колони тешко се маневрираат, бидејќи мора да се води сметка и за оние најспорите. И во црквениот живот е исто така, решителните реформи секогаш доаѓале од единки или помали групи. Тоа може да се забележи и на примерот на Партијата на Зелените. Тие беа малцинство, на кое му појде од рака да предизвика големи промени во општествената свест.

Според мене Светските денови на католичката младина во Келн, пак, нудат една друга шанса. А тоа е дека не мораме да се повлекуваме во дефанзива бидејќи сметаме оти сме малцинство во општеството, со што рака под рака оди и комплекост на помала вредност. Тоа е особено важно за младите генерации, да видат и да почувствуваат оти нас христијаните не‘ има многу и дека можеме да ги обединиме силите во надежта за создавање подобар свет.