1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Свинскиот грип ги плаши аџиите

8 ноември 2009

Во Египет неодамна започна вакцинацијата против свинскиот грип, најпрво на аџиите, кои овие денови тргнуваат кон Мека. Се стравува дека аџиите, покрај сувенири, ќе донесат и свински грип, затоа се преземаат мерки.

https://p.dw.com/p/KQ5S
Мека, светилиштето на муслиманските вернициФотографија: picture-alliance/dpa

Туристичкото биро „Маја“ во египетскиот главен град Каиро е една од десетте најважни адреси кога се работи за патувања поврзани со религијата, почнувајќи од визите, преку летовите, па до сместувањето. Организаторот се грижи дури и за облеката и ритуалните патишта, се‘ што е во врска со Хаџот. Но, оваа година многумина се двоумат, вели менаџерот на фирмата Насер Абдула:„Деведесет проценти од муштериите прашуваат: можеме ли воопшто годинава да одиме во Мека? Дали е потребна вакцина? Владее несигурност, особено кај нашите клиенти кои бараат аранжмани со пет ѕвезди. Тоа се луѓе кои се грижат за себе, бизнисмени, доволно богати да ги исполнуваат верските обврски. Но, нема да ги жртвуваат парите ако постои опасност да заболат.“

Аџилакот е и голем бизнис

Аџилакот, еден од петте столбови на исламот, е и голем бизнис. Десетдневен аранжман со пет ѕвезди, со водич и полн пансион, преку туристичкото биро „Маја“ чини околу 8 илјади евра. Едно крстарење до Карипските острови чини една четвртина од оваа сума! Во бирото завладеа нервоза поради намалените патувања на аџилак за време на месецот на постот, Рамазан - наместо вообичаените 500 илјади, само 150 илјади Египќани отпатуваа во Саудиска Арабија:

BdT Pilger in Mekka beim Gebet
Фотографија: AP

„Туристичките агенции загубија многу пари, претходно вложија доста за резервации на хотелите. Отпатуваа помал број аџии од очекуваното, но парите не ги добивме назад.“

Хасер Абдула и‘ префрла на египетската влада дека шири паника: малку опасниот грип го претставува како опасен по живот.

Делегација во извидница во Мека

Министерството за туризам се обиде да ја намали штетата - веќе трет пат негова делегација патуваше во Мека и Медина за да се консултира со саудиските колеги и да добие увид во ситуацијата. Абдула прави позитивен биланс: меѓу 130 илјади аџии за време на Рамазан имало само пет сомнителни случаи и ниту една потврдена инфекција.

Државниот секретар Ал Ашри, кој патуваше со делегацијата, ги фали самосвеста на Египќаните и мерките на Саудиска Арабија. „На аеродромите се поставени камери со топлотни сензори, се врши контрола на секој пристигнат аџија, но без тој да забележи. Оној кој има повисока температура, го водат на испитувања во изолирана просторија. На располагање стојат многу болници, а во Мека и Медина има и доволно маски и дезинфекциски средства.“

Muslime beginnen Pilgerrituale der Hadsch in Mekka BdT
Фотографија: dpa

На молитва во големата џамија во Мека стојат десетици илјади аџии притиснати еден до друг, се наведнуваат и со рацете и челото ја допираат земјата. Овде е тешко да се зачува потребната хигиена. „Секој добива свој тепих за молитва“, објаснува Осама ал Ашири. „Во секоја хотелска соба се наоѓа упатство за тоа како да се избегне инфекција. Насекаде се присутни лекари.“

Мерки против ширење зараза

Секоја година т.н. виза за аџилак, за патување кон Саудиска Арабија, добиваат околу 80 илјади Египќани, а барањата се доставуваат со месеци претходно. Министерството за здравство, меѓутоа, објави ограничувања. Зошто, појаснува надлежниот државен секретар Амр Кандил: „Оние под 25 години и постарите од 65 години не смеат да патуваат во Мека, како ни бремените жени. Секој аџија, освен тоа, треба да достави здравствена потврда дека нема проблеми со срцето, со дишните патишта, дијабетес и слично. Оној кој е болен, мора да го одложи патувањето за следната година.“

А тоа не може секој да го разбере. Такси возачот Махмуд е разлутен: „Не е фер, платите на службениците се толку мали, што ние мораме да штедиме со години за да можеме да патуваме на аџилак. А тогаш, нормално дека сме постари од 65 години.“

Махмуд воопшто не разбира зошто е целото возбудување: ако некој се разболи, би бил благослов да умре во божјата куќа. Оној кој умира во Мека, важи за маченик. Но, свештениците предупредуваат: оној кој аџилакот го сфаќа како авантура и свесно ризикува да се зарази, не е никаков маченик, туку самоубиец. Махмуд не е убеден од нивното објаснување: „Оној кој умира во божја служба, е маченик, а сезнаен е и така само господ.“

Автор: Естер Сауб/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска