1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Свинскиот грип продолжува да се шири

29 април 2009

Свински грип е утврден кај десет пациенти во Европа. Во САД- првиот смртен случај, во Тексас почина 23 месечно бебе. Во Германија има три случаи. Властите повикуваат на претпазливост и предупредуваат од создавање паника.

https://p.dw.com/p/HgX5
Фотографија: AP

„Роберт Кох“- институтот од Берлин денеска потврди дека вирусот од типот H1N1 што се појави во Мексико е дијагностициран кај 23 годишна жена од Хамбург, која патувала во централноамериканската земја. Според институтот во Берлин, вирусот е утврден и кај двајца пациенти од Баварија, кои исто така биле во Мексико.

Германската министерка за здравство Ула Шмит денеска напладне (29.04.2009), потврдувајќи ја информацијата на „Роберт Кох“- институтот истакна: „Развојот на ситуацијата ме загрижува, но уверена сум дека во моментов правиме се’ што е неопходно. Сепак, никој не знае како натаму ќе се развива болеста“, истакна Шмит.

Министерот за здравство на покраината Баварија, Маркус Седер смета дека состојбата би требало сериозно да се сфати, но нема место за паника. Според Седер, во Германија, во меѓувреме, бројот на сомнителни случаи се искачи на девет.

Deutschland Schweinepest Universitätsklinikum in Regensburg
Регенсбург, овде се испитуваа сомнителни случаиФотографија: picture-alliance/ dpa

Десет заболени во Европа, една жртва во САД

Ширум Европа, досега, свинскиот грип е утврден во десет случаи. Покрај трите случаи во Германија, свинскиот грип е дијагностициран во два случаја во Шпанија и пет во Велика Британија. Во повеќе европски земји постојат сомнителни случаи.

Француската министерка за здравство Розалин Башело побара од Европската унија привремено да ги забрани сите летови кон Мексико, додека нејзината германска колешка Ула Шмит - да се избегнат патувањата во Мексико доколку тоа не е неопходно.

Американската сојузна држава Тексас, во меѓувреме, соопшти дека 23 месечно бебе починало од свински грип. Тоа е прв смртен случај надвор од границите на Мексико. Во САД досега се регистрирани 64 лица заболени од свински грип. Американскиот претседател Барак Обама побара од конгресот 1,4 милијарди долари за борба против грипот.

Во Мексико властите го корегираа надолу бројот на жртвите од свински грип. Според последните информации, вкупно кај 26 лица е докажана инфекцијата со вирусот, од нив седум се починати, соопшти министерот за здравство, Хозе Анхел Кордова.

Автор: АТ/ЕМФ/дв/дпа

Редактор: Жана Ацеска