1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ бара оставка од Рафајловска

Горан Петрески15 октомври 2007

Продажбата на еден од клучните капацитети,ТЕЦ Неготино, во услови на регионална енергетска криза е причина за голема политичка пресметка во Македонија.

https://p.dw.com/p/Br2V
Седиштето на СДСМ во СкопјеФотографија: Petar Stojanovski

Опозициската СДСМ бара оставка од министерката за економија Вера Рафајловска,таа најавува тужба за клевета против опозиционерот Јани Макрадули,кој ја повика на одговорност:

„На први август владата објави дека донела одлука дека канадски Хач е победник на тендерот.Денес сите знаат дека наместо на најповолниот,ТЕЦ Неготино оди во рацете на непознат,мистериозен понудувач,кој не ги задоволува ниту основните критериуми да учествува на тендерот.Затоа СДСМ ќе поденесе интерпелација за работата на министерката за економија Вера Рафајловска.Собранието на Македонија е вистинското место најматниот настан да се разбистри со конкретна политичка одговорност .“

Сомнежи околу купувачот

Продажбата на ТЕЦ Неготино отвори многу сомнежи,дали купувач е канадскиот конзорциум Хач,како што објави владата,или непозната бугарска фирма,како што тврди опозицијата.Досега Канаѓаните од Хач не се легитимираа како сопственици на ТЕЦ Неготино,во Македонија дојдоа само претставници на бугарската фирма.За случајот се заинтересираа и американскиот Стеј департмент,Европската банка за обнова и развој и Меѓународната финансиска корпорација.Власта ги уверуваше дека зделката е чиста.Вицепремиерот Зоран Ставревски вели:

„Ако се утврди дека некои документи не се во ред,се разбира дека нема ништо да се потпише.“
Владеачката со контраобвинување ја брани зделката за продажба на ТЕЦ Неготино.Партискиот портпарол Александар Бичиклиски изјави:

„За разлика од владата на СДСМ која сакаше ТЕЦ Неготино криминално да го продадат за 4 милиони евра,оваа влада го продаде по пат на јавен тендер за нешто повеќе од 62 милиони евра.“

Владата во летото објави дека ТЕЦ Неготино го продава за 60 милиони евра на канадски Хач,второпласираната фирма на тендерот.Грчки Сенкап обвини дека неправедно е исфрлен од игра а имал подобра понуда.Ја тужи владата и бара отштета од државата.Експертите предупредуваат дека државата треба да задржи дел од капиталот во ТЕЦ Неготино,за да може во иднина да влијае врз цената на струјата.Но владата рече дека се откажува од сопственоста,бидејќи нема доволно пари да инвестира во развој на капацитетот.Главен производител на струја во Македонија е РЕК Битола.Поради недостигот со кој редовно се соочува,земјата постојано увезува електрична енергија.ТЕЦ Неготино го вклучува повремено,кога е зголемена потрушавачката или е потребна струја за извоз.