1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ бара свикување на Советот за безбедност

ЕМФ/миа21 април 2012

СДСМ оценува дека безбедносната ситуација во Македонија е нарушена. ВМРО ДПМНЕ вели дека СДСМ е контрадикторен.

https://p.dw.com/p/14ixX
Фотографија: Petar Stojanovski

Безбедносната ситуација во Македонија е нарушена во подолг период наназад, изјави денеска Стево Пендаровски, претседавач на Советот на СДСМ за безбедносни прашања и НАТО интеграции. „Сметаме дека во безбедносна смисла Република Македонија од 2001-ва година до денес никогаш не се наоѓала пред посериозен испит“, рече Пендаровски.

Советот смета дека државата во последните месеци нема понудено системски одговор на предизвиците во безбедносната сфера. Пендаровски нагласи дека Советот и натаму оценува дека има потреба од свикување на Советот за безбедност на Претседателот на Република Македонија. Од Советот за безбедносни прашања на СДСМ прашуваат зошто досега не е ставен во функција и Центарот за кризен менаџмент, во чиј состав се раководители од разузнавачките и контраразузнавачките служби.

Според владејачката ВМРО ДПМНЕ, СДСМ е контрадикторен. Од една страна преку празни флоскули даваат формална поддршка на институциите и МВР, а од друга страна праќаат свои членови и функционери на протести кои завршуваат со насилство против истите институции, стои во писмената реакција од ВМРО - ДПМНЕ на денешната изјава на Стево Пендаровски. Според соопштението, СДСМ не бира средства и време за политички маркетинг во желбата да дојде на власт.