1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ: Добивме „датум за датум“

Катерина Блажевска1 март 2013

Првична реакција од СДСМ по постигнатиот договор за нивно враќање во политичкиот живот. Опозицијата задоволна од договорот, не се плаши да излезе на локални избори

https://p.dw.com/p/17oxN
Фотографија: MAKFAX

Опозицијата е задоволна од исходот на преговорите за надминување на политичката криза во Македонија, а партиите во владејачката коалиција засега не го коментираат постигнатиот договор. Генералниот секретар на СДСМ, Андреј Петров, вели дека атмосферата била нервозна, а разговорите со врвот на опозицијата траеле речиси три часа.

„Крајниот договор беше постигнат на средбата кај претседателот Иванов. Добро е што власта се согласи за договор за датум за предвремени парламентарни избори. Фактички договоривме 'датум за датум', што значи дека ќе учествуваме на локалните избори и не се плашиме од нивниот исход. Договорот за датум за предвремени парламентарни избори треба да биде постигнат до почетокот на септември", објаснува Петров.

Во заклучоците договорени на средбата кај претседателот Иванов, се вели дека „дека врз основа на извештајот на Комисијата, веднаш по завршувањето на локалните избори (7 април), почнува дискусијата за одредување на датумот за предвремени парламентарни избори и таа дискусија мора да заврши до есенскиот извештај на Европската Комисија за напредокот на Македонија".

Според договорот, во рок од десет дена сметајќи од денес треба да се формира Комисија, која најдоцна во рок од 60 дена треба да подготви извештај за настаните од 24 декември. Освен двајца ченови од опозицијата и двајца од власта, кои со консензус треба да изберат претседател на Комисијата, во неа ќе учествуваат и двајца странци во функција на набљудувачи кои ќе ја гарантираат регуларноста на нејзината работа. Тие најверојатно ќе бидат предложени од Европската Комисија. Извештајот на Комисијата за „црниот понеделник" треба да биде составен дел и од есенскиот извештај на ЕК за напредокот на Македонија.

Опозицијата најдоцна во недела ќе се врати во Собранието и ќе учествува на седницата на која единствена точка ќе бидат измени на Изборниот законик. Извесно е дека за пет дена ќе се пролонгира рокот за доставување кандидатски листи за советници и градоначалници.