1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се препукуваат за Комисијата

БГ/миа/макфакс22 јули 2013

ВМРО-ДПМНЕ денеска ги повика на состанок членовите од СДСМ на Комисијата за расчистување на настаните од 24 декември. Од СДСМ го прозиваат претседателот Иванов да ја расчисти ситуацијата

https://p.dw.com/p/19Bq8
Фотографија: MAKFAX

СДСМ го повика претседателот Иванов во најкраток можен рок да го реши статусот на претседателот на Комисијата за истражување на настаните од 24 декември, Борче Давитковски. „Во меѓувреме, пратеникот Илија Димовски не е во позиција да свикува седници на Комисијата, а уште помалку има право да поставува ултимативни рокови на останатите членови. Ако требаше Комисијата да работи со 4 члена од партиите и без претседател, таа ќе почнеше да работи уште на 16 март, кога беа именувани членовите, а не на 11 јуни, кога беше постигнат договор и именуван нејзиниот претседател Борче Давитковски“, рече портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.

Од таму велат дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во целост и принципиелно ги има исполнето сите свои обврски преземени со Договорот од 1 март и дека очекуваат ВМРО-ДПМНЕ наместо зборови и критики, да покаже на  дело дека е заинтересиран за расветлување на настаните од 24 декември.

Претходно денеска, Илија Димовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и член на Комисијата за настаните пред и околу Собранието што се случија на 24 декември минатата година, јавно ги повика на средба членовите на Комисијата предложени од СДСМ - Љубомир Фрчковски и Рената Треневска Десковска. Од нив Димовски побара во наредните пет дена да одредат термин и место за средба каде што би ги продолжиле дијалогот и дискусиите поврзани со процесот на работа на Комисијата, но и со конкретнo продолжение на седниците.

Тој уште еднаш повтори дека членовите на Комисијата не можеле да се усогласат по четири точки од извештајот и оти дотогаш работата била конструктивна. Повика да не се бараат изговори за да не работи Комисијата и изрази надеж дека ќе преовладува разумниот пристап и ќе биде направен добар прогрес.

Во препукувањата се вклучи и премиерот Никола Груевски, кој изјави дека „нерешавањето на прашањето со Комисијата ќе се рефлектира во
следниот извештај на ЕУ, а може да резултира и со недобивање препорака за
почеток на преговори“.